
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ го осудија сквернавењето на македонското државно знаме во Гостивар.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение го осуди симнувањето и сквернавењето на македонското државно знаме во Гостивар, оценувајќи дека секое непочитување на државните симболи мора да биде санкционирано. Од партијата посочуваат дека ваквите постапки создаваат поделби наместо да придонесуваат за сплотување во општеството. ВМРО-ДПМНЕ ги повика надлежните институции итно да постапат, да ги идентификуваат сторителите и да преземат соодветни мерки.
И опозициската СДСМ го осуди сквернавењето на македонското државно знаме во Гостивар и побара МВР веднаш да го расчисти случајот, да ги идентификува сторителите и да има одговорност согласно законот.
„Сквернавењето на државното знаме е навреда за сите граѓани и чин против државата што мора да се санкционира. Поделбите во општеството коишто ги создава криминалната власт на ВМРО и ЗНАМ, заради свои партиски интереси, постојано создаваат проблеми и генерираат кризи. Но, граѓаните ги прочитаа намерите на власта и нема да дозволат тензии, ќе продолжат да ја градат Македонија како мултиетничка земја со взаемна почит“, велат од СДСМ.
Во меѓувреме, полицијата истражува кои се сторителите што го симнаа македонското знаме од јарбол во центарот на Гостивар. Станува збор за државното знаме поставено од Општина Гостивар на улицата Илинденска.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека случајот е пријавен на 27 ноември во ОВР Гостивар, по што полициска екипа извршила увид. Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на настанот. Видео на кое се гледа како лице го симнува македонското државно знаме, а потоа со уште едно лице го тутка и го фрла на земја, се споделуваше на социјалните мрежи, а снимката ја објави и профилот „Патриотско друштво“.