
Во новото издание на Трилинг со новинарот Мирче Јовановски, Арта Биљали Зендели потпретседателка на ДУИ и режисерот Срѓан Јанакиевиќ.
Во ТВ магазинот издвојуваме минути за најновиот филм „Сестра, брат и шахта“, на Милчо Манчевски кој победи на Филмскиот фестивал во Токио, фестивал од А-категорија. Филмот ја освои главната награда на фестивалот, „Токио Гран при“.
Во ТВ магазинот и за изборите во САД на кој Републиканците на Доналд Трамп доживеа дебакл.

„Овој случај со Алта банка – Битола е специфичен случај. Веднаш треба да го издвоиме од сите досегашни случаи, бидејќи станува збор за одземање на дозволата и ставање во стечај на мајката банка што е во друга држава, Значи Алта банка – Белград е сопственик на Алта банка – Битола (95,175%). Алта банка – Битола е македонска банка којашто работи според нашите домашни закони и прописи. Како причина за сегашната ситуација во банката, значи администрирањето, поставувањето на луѓе од страна на Народната банка, не е заради лошото работење на банката, или несолвентноста или неликвидноста, туку тоа што се случи во соседна држава“, вели новинарот на Независен Мирче Јовановски.
Прашан дали смета дека Скопје е дестинација за легализирање на валканиот веш од Србија, Јовановски не ја исклучува таа можност.
„Ако се навратиме на некои други примери, конкретно на оној голем скандал со петте тони марихуана, коишто поминаа без никој да ги примети и којзнае уште колку такви работи имало. Но мислам дека ние имаме домашни институции коишто се задолжени да ги следат таквите работи, дејанија криминогени, доколку се разбира ги има, и да ги превенираат или санкционираат“, смета Јовановски.
Околу реакциите на Гувернерот Славески поврзани со Алта банка и тезата дека тука е македонска банка и нема никаква поврзаност со Алта во Србија, Јовановски вели дека има поврзаност преку сопственичката структура.

Според него малку е чудно Централната банка да не ја интересира кои се сопственици Алта банка.
„Мислам дека и според нашите македонски закони, прописи, постои одредба да се знае крајниот сопственик на било кое акционерско друштво. Мислам дека постојат такви прописи во земјава и би требало главниот сопственик на Алта банка – Белград, Давор Мацура, кој патем е и претседател на надзорен одбор на банката во Битола, да добие согласност и од Народна банка“, смета Јовановски.
Тој смета дека овој случај со Алта банка ја фрла и довербата во целокупниот банкарски систем.
„Сите овие афери што ги кажавме претходно имаа влијание врз довербата. Клучот е довербата, особено во банкарскиот систем. За помладите гледачи треба да споменеме дека Македонија макотрпно ја врати довербата во банкарскиот систем. Кога се распадна Југославија останаа заробени огромни износи на девизи на граѓаните коишто ги имаа во банките. Па државата издаваше државни обврзници со коишто можеше да се купат удели во процес на приватизација, да ги продаваат на берза, но за пола цена. Сето тоа ја чинеше државата огромни износи и пари. Исто така со пропаѓањето на штедилницата ТАТ, имаше политички консеквенци по тогашната власт. Значи се направија големи напори за да се врати довербата во банките.

Прашан дали е можно Владата да не била запознаена и да не знаела за аранжманот на Алта банка, имајќи предвид дека министерката вели дека Гувернерот не ја запознал за интересот и договорот со Алта банка, Јовановски вели дека можеби министерката не била запознаена, но за влезот на Алта банка во Стопанска банка – Битола се зборувало како намера.
„Имаше период кога беше поднесено барањето, ако ништо друго можеа да проверат или да се запознаат од самата информација дека има таква намера за влегување во земјата“, вели Јовановски.
Тој не исклучува бизнис влијание и интереси зад случајот Алта банка.
Јовановски смета дека најдобро решение би било да се најде купувач за банката и банката да добие нов сопственик, да се тргне администрацијата од Народна банка и да си продолжи банката по својот пат.

„Неисполнувањето на нашите барања не се однесува на нас како ДУИ, туку се однесува на граѓаните и на бизнисот, на оние кои што имаат вложено, имаат капитал во таа банка и секојдневно гледаме како таму пензионери, работници, претставници на мали бизниси треперат пред шалтерите или пред влезот на таа банка. Тоа покажува дека цената ја плаќаат граѓаните. Токму ова е тоа што најмногу не интригира да реагираме во врска со овој случај, знаејќи дека банкарскиот систем е во тесна врска со власта и тоа не е сега, тоа било отсекогаш.
-Случајот како Алта банка влезе во банкарскиот систем во Македонија е показател дека кога не може да се заснова нова банка, бидејќи тоа бара огромен паричен капитал, се случуваат вакви трансфери или вакви купопродажби. Значи некоја друга банка ќе купи некоја помала банка и така ќе го воспостави своето влијание и капитал со цел финансиски да придобие.
-Сета таа трансакција што се случи лани не можеше да се случи без одобрение, без дозвола од Владата и од највисокиот државен врв. Тука никој не може да ме убеди дека тоа купување и влегување на Алта банка не беше во согласност со политиките коишто ги има воспоставено оваа Влада, и не може никој да ме убеди дека тоа не е дел од таа оска Орбан – Вучиќ – Мицкоски. Од Орбан го имаме го имаме унгарскиот кредит, којшто исто така ќе го плаќаат граѓаните. Преку врската со Вучиќ е Алта банка. Пак најзасегнати се граѓаните, пензионерите работниците, малите, скромни штедачи и малиот бизнис. За иронија на судбината ни Орбан повеќе не е на власт, ни Вучиќ повеќе не е на власт. Ние останавме и со унгарскиот кредит, ние останавме и со Алта банка која што ќе бара една разврска, со цел да не гледаме луѓе, да не слушаме вести како луѓето треперат, чекаат, се надеваат, се молат да се отвори банката и да ги земат заштедите, платите, пензиите и тн.“, изјави потпретседателката на ДУИ Арта Биљали Зендели, говорејќи за тоа дали власта се одзвала на барањата на оваа партија да се одговори на прашањата поврзани со Алта банка.

-Јас ова го гледам како еден мал земјотрес, бидејќи во Србија одземена им е лиценцата за работа. Колку што знам и во Црна Гора им е одземена, во Македонија не им е одземена. Ова е еден мал земјотрес од којшто јас очекувам дека во иднина ќе излезат уште повеќе штетни и сомнителни зделки, за кои некој ќе треба да сноси одговорност“, смета Биљали Зендели.
„Јас и како правник и како кривичар мислам дека надзорот за овој случај треба да оди надвор од надзорните расправи. Ние имаме судови, обвинителства, финансиска полиција коишто треба да проверат и да водат постапка“, вели Биљали Зендели.
Прашана дали ДУИ ќе бара политичка и кривична одговорност, потпретседателката на партија смета дека тоа треба да биде целта.
„Да. И политичка и кривична одговорност“, вели Биљали Зендели.
Говорејќи за Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата, којшто различно се толкува, односно дали имаме прогрес во одредени области или не, Биљали Зендели вели дека за жал во Извештајот најзастапена е фразата „ограничен напредок“, или „нема напредок“.

Осврнувајќи се на изборите во Брвеница, прашана дали таму победи демографијата, национализмот којшто доминираше во реториката или големото влијание кое што сѐ уште Али Ахмети го има меѓу електоратот, Биљали Зендели вели дека Али Ахмети има влијание врз електоратот, но не се согласува дека демографијата победи.
„Така би излегло дека демографијата ни се менува за една година. Лани немаше друга демографија во Брвеница. Оваа демографија беше, но не победи ДУИ. Јас мислам дека скокот од скоро 3000 гласови значи дека владата не работи како што треба и граѓаните ја препознаваат таа позиција којашто ја има владата кон меѓуетничките односи“, вели Биљали Зендели.

„На ивица сме се да излезе надвор од контрола. Насловот на новиот филм ‘Нема да ви се верува што се случи претходно’ е намерно таков, бидејќи се работи за политички трилер со луѓе од Вашата професија, со двајца новинари. Овој филм е предупредување дека сме на ивица да излезат работите од контрола, односно колку после ќе боли и колку е тешко да се вратиме во некоја нормала“, изјави македонскиот филмски и татарски режисер, Срѓан Јанакиевиќ.
„Прашањето е колку можеме да останеме чисти кога целото општество е корумпирано до крај. Оваа идеја ја имам многу одамна, скоро 11 години. Како поминуваше времето светов стана многу пострашен. Значи веќе можеби и не е толку страшно кај нас, оти ние некако, за жал, успеавме да се навикнеме.
„Има простор за хумор, но страшниот момент со хуморот, особено во претставата ‘Веќе не е ни смешно’ е тоа што таму се покажува до каде треба да се понижиме за да бидеме смешни, бидејќи сите треба да бидеме смешни, сите треба да бидеме весели, и тоа понижување за да бидеме забавни, смешни и весели не доведува до некоја многу понижувачка состојба. Од друга страна гледаме дека хуморот којшто во време на Молиер, или во било кое време до сега, пред оваа AI, Social network, или било која дигитална ера, хуморот беше за да се искритикува власта, а сега е малце поопасно, затоа што нивото на хуморот е паднато, како што на се е паднато нивото. Порано хуморот бил алатка за да му се обратиш на повисокиот, на поголемиот, на тој што може да те малтретира, на тој што може да те владее и тн., да го исправиш. Меѓутоа сега е тоа обратно. Сега они го користат, го злоупотребуваат хуморот за да го понижат веќе понижениот. Тоа страшното во хуморот денес“, вели Јанакиевиќ.
Прашан како би ги режирал општествените процеси во Македонија, Јанакиевиќ смета дека не само во Македонија, туку и планетарно, генералниот проблем е токму тоа паѓање на нивото на што е вистина.
„Вистината е многу битен дел од твојот живот. Не знам дали ние бегаме од реалноста или не форсираат, или не силуваат вон реалноста за да полесно ни го продадат тој контекст“, вели режисерот.
До еден момент ти можеш да го корумпираш системот, можеш да се обидуваш да поткупуваш и корумпираш луѓе, меѓутоа тоа не може да опстојува. Така што не гледам дека тоа може така лесно да помине, сега за сега, што е добро. Би било страшно кога би било во контекст на храбриот нов свет, кога сите би биле издрогирани, насмеани, весели и тн. Меѓутоа не си го сакаат, ниту си го дозволуваат тој однос. Мислам дека прашањето на тоа што некогаш било комфор, комфорна зона, и сега комфор е многу понекомфорно“, вели Јанакиевиќ.
Говорејќи за тоа кој е денеска најголемиот непријател на културата и колку денеска уметноста е бунтовна, Јанакиевиќ смета дека денеска многу тешко е уметноста да биде бунтовна.
„Јас го разбирам тој порив дека треба да биде, меѓутоа многу е тешко со оглед на тоа што долго време е поминато каде што сме виделе стварно сериозни бунтовни проекти“, вели Јанакиевиќ.
Разговорите погледнете ги во видеото