Пациентките болни од рак на дојка останаа без терапија, Клиниката се извинува

Пациентките кои вчера имаа закажана терапија „Фесго“ (Phesgo) на Клиниката за онкологија во Скопје останаа без лекот, а засега нема информација кога ќе биде обезбеден.

Пациентките кои вчера имаа закажана терапија „Фесго“ (Phesgo) на Клиниката за онкологија во Скопје останаа без лекот, а засега нема информација кога ќе биде обезбеден.

Клиниката јавно им се извини на засегнатите пациентки и побара трпение и разбирање, но не соопшти конкретен датум за продолжување на третманите.

Од „Онкологија“ признаваат дека одложувањето предизвикало загриженост и наведуваат дека се свесни за важноста на навременото и непрекинато лекување.

Проблемот, според Клиниката, е поврзан со дистрибуцијата и испораката на лекот, кои, како што наведуваат, се „надвор од директната контрола на Клиниката“.

Од установата уверуваат дека преземаат мерки во рамките на своите надлежности за терапијата да биде обезбедена што е можно побрзо.

Во соопштението, сепак, не е наведено кој е одговорен за застојот, ниту кога се очекува тој да биде надминат.

Проблемите со испораката на терапиите претходно биле посочени и од раководството на Клиниката.

На 8 октомври, директорот Игор Стојковски изјави дека понекогаш може да дојде до минимално доцнење поради недостатоци во дистрибуцијата.

Тој најави и дека се разгледува можноста за тригодишни набавки на дел од терапиите, најверојатно преку јавната набавка за 2027 година.

Инаку, „Фесго“ се користи за лекување одредени форми на HER2-позитивен карцином на дојка.

Според Европската агенција за лекови, препаратот ги содржи активните супстанции пертузумаб и трастузумаб и се применува како поткожна инјекција во рамките на пропишаниот онколошки третман.