
Во Општина Чаир во тек е реализација на повеќе инфраструктурни проекти насочени кон подобрување на сообраќајната поврзаност и урбаните услови за живот, информираше градоначалникот Изет Меџити.
Тој посочи дека улицата „Ферид Мурад“ е во завршна фаза на реализација, додека веќе започнале градежните активности на улицата „Мит’хат Фрашери“, а во тек се и подготовките за реконструкција на улицата „Цветан Димов“.
– Покрај улицата Ферид Мурад, која е во завршна фаза, проект вреден околу еден милион евра, со кој ќе се обезбедат велосипедски патеки, нови паркинг-места и подобар сообраќај за граѓаните, веќе започна и проектот за улицата Мит’хат Фрашери. Станува збор за важна сообраќајна артерија која го поврзува Чаир со Бутел, Шуто Оризари и Центар. Улицата ќе биде проширена со две нови сообраќајни ленти, додека за улицата Цветан Димов се вршат последните подготовки – изјави Меџити, пренесуваат од Општина Чаир.
Според него, реализацијата на овие инфраструктурни проекти му дава нова димензија на развојот на Чаир и ги подобрува условите за сообраќај и секојдневен живот на граѓаните.
– Чаир денес е едно големо градилиште, бидејќи се работи и се инвестира за нашата општина и за иднината на граѓаните – истакна меѓу другото Меџити.