Западнонилски вирус во Грција: Бројот на инфекции расте

Бројот на заразени со западнонилскиот вирус во Грција од јули наваму е зголемен повеќе од петпати. Експертите засилено препорачуваат заштита од комарци

Бројот на заразени со западнонилскиот вирус во популарната туристичка дестинација Грција и натаму значително расте. Од почетокот на годината во целата земја се регистрирани 232 случаи, а 19 лица починале од последиците на западнонилската треска. Ова го соопшти грчката здравствена служба ЕОДИ (Национална организација за јавно здравје).

Најпогоден е регионот на главниот град

Со тоа, бројот на заболени е повеќе од петкратно зголемен во споредба со крајот на јули. Тогаш беа пријавени 42 случаи, додека пред една недела нивниот број изнесуваше 157. Според податоците на здравствените власти, најголем број случаи се регистрирани во поширокото подрачје на Атина.

Епидемиолозите постојано ги повикуваат граѓаните доследно да се заштитуваат од убоди од комарци. Особено се препорачува редовно повеќекратно нанесување средства за заштита од инсекти.

Западнонилскиот вирус се пренесува преку убод од заразени комарци. Поголемиот дел од инфекциите со вирусот поминуваат без симптоми или предизвикуваат само благи тегоби. Потешки форми на болеста најчесто се јавуваат кај постари лица и кај лица со одредени претходни заболувања.