Македонија со европско сребро, Ана Бергер со злато – параглајдеристите испишаа историја во Крушево

Крушево изминатите недели беше сцена на еден од најголемите успеси во македонскиот параглајдинг. Македонија го освои среброто на Европското првенство во екипна конкуренција, додека Ана Бергер стана европска шампионка во женска конкуренција.

Крушево изминатите недели беше сцена на еден од најголемите успеси во македонскиот параглајдинг. Македонија го освои среброто на Европското првенство во екипна конкуренција, додека Ана Бергер стана европска шампионка во женска конкуренција.

На првенството, кое од 8 до 19 август се одржа во Крушево, учествуваа 130 пилоти од 30 земји. Словенија го освои златото во екипната конкуренција, Македонија заврши втора, а Шпанија ја освои бронзата.

Македонскиот тим првенството го започна од деветтото место, но со секоја трка напредуваше на табелата. На 18 август ја надмина Шпанија и се искачи на второто место, кое успеа да го одбрани до самиот крај.

Во деветте натпреварувачки дена беа одлетани девет трки, долги меѓу 68 и 104 километри. Дарко Станковски беше без грешка во сите девет трки, Мартин Јованоски обезбеди важни поени, а на една од најдолгите трки, кога Јованоски не стигна до целта, Ѓорги Ристовски со одличен лет го спаси тимскиот резултат.

Свој придонес дадоа и Ана Бергер, Глигор Зафиров, Александар Гацевски и Благоја Гроздановски, додека Јован Северов беше важна поддршка од земја.

За Македонија ова е уште еден чекор напред на европската и светската параглајдинг сцена. По четвртото место на Европското првенство во Србија во 2022 и бронзата на Светското првенство во Франција во 2023 година, сега пристигна и европското сребро. Таму каде што екипата освои сребро, Ана Бергер стигна до злато.

Бергер ја освои титулата европска шампионка по исклучително тесна борба со Германката Елиза Дојчман. Иако на петтиот натпреварувачки ден слета предвреме и загуби значаен дел од трката, не се откажа. Во последните четири трки леташе без грешка и со одлична завршница стигна до европскиот врв.