Шест години брендираната гардероба на Боки 13, вредна 600.000 евра, „скапува“ во магацин

Веќе шест години, во еден од магацините на Агенцијата за управување со одземен имот, стои конфискуваната брендирана гардероба на Бојан Јовановски-Боки 13, вредна речиси 600.000 евра.

Веќе шест години, во еден од магацините на Агенцијата за управување со одземен имот, стои конфискуваната брендирана гардероба на Бојан Јовановски-Боки 13, вредна речиси 600.000 евра.

Во овој период луксузната облека ниту еднаш не е огласена за продажба, иако минатата година беше направена проценка на вредноста. Но, наместо на продажба, можно е облеката да заврши и како донација. Можното сценарио произлегува од одговорот што пред неколку месеци го добивме од Агенцијата за управување со одземен имот, каде што прашавме кога оваа гардероба, конфискувана за случајот „Рекет“ ќе биде огласена за продажба.

-Агенцијата за управување со одземен имот, конечно одземените предмети може да ги продаде, уништи или ги отстапи на државни институции, здруженија на граѓани или фондации. Во зависност од донесената Одлука на Управниот одбор ќе зависи и понатамошната постапка и за овие одземени предмети, ни одговорија лани од Агенцијата.

Затоа повторно прашавме, дали од минатата година има некаква промена, односно дали оваа гардероба завршила како донација?

-Ве известуваме дека нема настаната промена во однос на постапувањето на посочениот предмет, беше кусиот одговор од Агенцијата.

Инаку, се почна летото 2019 година, кога истражители од домот на Јовановски одзедоа 71 вреќа со гардероба, чевли, часовници, чанти и накит, вкупно 1.208 парчиња на број, од познати модни брендови, како Луј Витон, Версаче, Долче и Габана, Гучи, Валентино, Диор…
Меѓу запленетата облека беше и упадливата сребрена наметка од Луј Витон, вредна 8.000 евра, која Боки 13 ја носеше на доделувањето на наградите „Story“.

Според обвинителството, парчињата ги купил во периодот од 2018 и 2019 година, трошејќи од 1,5 милион евра, кој наводно ги изнудил од бизнисменот Орце Камчев. Боки 13, пак, тврдеше заплената е незаконска, бидејќи најголемиот дел од гардеробата, дури 95 отсто, наводно ја купил неколку години пред тоа, уште од 2013 година. За да го убеди судот, тој презентираше 1.650 фотографии од неговите аутфити низ годините, појаснувајќи за секое парче кога е купено.

Листата со одземена гардероба е предолга. По боја и марка се наведени 60-тина ремени: ремен во сива боја „версаче“, ремен кафена боја „фенди“, ремен со зелена боја „салваторе ферагамо“…
Потоа се редат над 80 пара панталони, стотина кошули, 70-десетина капути, десетина јакни, над 60 пара тренерки, 50 пара сакоа, десетина пара фармерки, десетина пара сакоа со панталони, стотина чифта чевли, над 60 пара патики, како и приближно толку пара чизми.

Но, тоа не е сѐ. На обожавателот на брендирана гардероба му беа одземени и триесетина капи и шапки, ист број папучи, над 70 чанти, сите со потпис од некој познат моден дизајнер, над стотина пара очила, стотина пара маици…

При претресот, Боки 13 остана и без својот накит. Му беа запленети десетина брендирани ланци, алки, прстени, часовници, брошеви и приврзоци од марките Версаче, Долче и Габана, Валентино, Гучи, Ролекс…
Тој остана и без својата златна круна со потписот на Долче и Габана.

Текстот е преземен од Фокус