„Скејтањето не е за девојчиња“ ја привлече младата публика во Сараево

Дебитантскиот долгометражен филм на македонската режисерка Дина Дума предизвика огромен интерес на Сараевскиот филмски фестивал, каде публиката бараше билет повеќе.

Новиот долгометражен филм „Скејтањето не е за девојчиња“ на македонската режисерка Дина Дума предизвика огромен интерес кај младата публика на Филмскиот фестивал во Сараево. Салите беа исполнети до последното место, а пред проекциите се бараше билет повеќе за оваа филмска приказна која го отсликува животот и предизвиците на новата генерација.

Филмското остварување на Дина Дума наиде на исклучително топол прием кај фестивалската публика во Сараево, каде фокусот беше ставен на младите гледачи кои директно се препознаа во ликовите и темите. Приказната ги истражува односите, слободата и себепронаоѓањето низ аголот на младинската култура, што создаде силна емотивна врска со присутните во салата.

Филмот е реализиран во продукција на „Скопје филм студио“, а режисерката Дина Дума заедно со својот авторски тим успеа да создаде автентичен визуелен и наративен израз. Оваа премиерна презентација на меѓународната сцена отвора пат за понатамошен успешен фестивалски живот и прикажувања пред пошироката кинематографска јавност во регионот и Европа.

Инаку, осврнувајќи се на домашната кинематографија, Дума за Трилинг изјави дека во последните десетина години се забележува една промена каде што произлегуваат млади автори.

„Се поддржуваат млади автори кои имаат шанса да направат дебитантски филм, и сме сведоци дека постигнуваме многу успеси со дебитантските, но и генерално филмовите што се прават. Она што за мене е возбудливо, како млада авторка, е тоа што во последно време се поддржуваат многу женски авторки, кои не само што добиваат шанса да направат дебитантски филм, гледаме дека одат на големи фестивали, се носат рамо до рамо со светската кинематографија, и тоа мислам дека е една свежа промена“, смета Дума.