
Божиновска: Дигиталната трансформација и сајбер-безбедноста се клучни за сигурен и отпорен енергетски систем
Како што истакна, во услови на забрзана енергетска транзиција, дигитализацијата овозможува подобро управување со енергетските системи, поефикасно следење на потрошувачката, оптимизација на производството и навремено реагирање при потенцијални нарушувања.
Енергетската безбедност денес не значи само сигурно производство и стабилно снабдување со енергија. Таа значи и сигурни дигитални системи. Колку повеќе ги дигитализираме енергетските мрежи и инфраструктурата, толку поважно станува нивното обезбедување од сајбер-закани.
Затоа сајбер-безбедноста мора да биде интегрален дел од модернизацијата на енергетскиот сектор, рече денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска на семинарот „Дигитализација на јавната администрација – размена на искуства, добри практики и можности за соработка со Чешката Република“, што се одржа во Владата.
Како што истакна, во услови на забрзана енергетска транзиција, дигитализацијата овозможува подобро управување со енергетските системи, поефикасно следење на потрошувачката, оптимизација на производството и навремено реагирање при потенцијални нарушувања.
-Истовремено, зголемената дигитална поврзаност носи и нови ризици, поради што заштитата на критичната енергетска инфраструктура, безбедноста на информациските системи и отпорноста на енергетските мрежи на сајбер-напади стануваат составен дел од националната енергетска безбедност, нагласи министерката.
Според неа, за Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, дигитализацијата има особено значење бидејќи современиот енергетски систем сè повеќе се потпира на дигитални технологии, автоматизирани системи, паметна инфраструктура и податоци во реално време.
На семинарот, на кој беа разменети искуства меѓу македонските и чешките институции, беше истакнато значењето на дигиталната трансформација за создавање поуспешна, поефикасна и побезбедна јавна администрација, како и за унапредување на јавните услуги за граѓаните и бизнис-секторот.
Отворена бееше и темата за можностите за понатамошна соработка меѓу Македонија и Чешката Република во областа на сајбер-безбедноста, размената на знаења и добри практики, како и јакнењето на институционалните капацитети.
Министерката Божиновска истакна дека Министерството продолжува да работи на дигитализација на процесите, модернизација на системите и зајакнување на сајбер-безбедноста, со цел енергетскиот сектор да биде подготвен за новите технолошки предизвици и ризици.
-Чешката Република има значајно искуство во дигиталната трансформација и сајбер-безбедноста, што претставува дополнителна можност за размена на искуства со македонските институции и за унапредување на националната отпорност на критичната инфраструктура, беше речено на семинарот.
Обраќања имаа и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, како и заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Чешката Република Петр Мацинка.
Семинарот претставуваше платформа за размена на искуства и отворање нови можности за институционална соработка меѓу двете земји.