Почнува „МакеДокс“ – распродадена премиерата на Манчевски за Кочани

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 20 до 27 август во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, „Лабораториум“ и Албански театар во Скопје. Фестивалот ќе биде отворен на 20 август, во 20:30 часот, во Куршумли ан со проекција на краткиот филм „Цвеќињата стојат молкум, сведочат“ на Тео Панагопулос и долгометражниот документарец „Кон запад, во Запата“ на Дејвид Бим.

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 20 до 27 август во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, „Лабораториум“ и Албански театар во Скопје. Фестивалот ќе биде отворен на 20 август, во 20:30 часот, во Куршумли ан со проекција на краткиот филм „Цвеќињата стојат молкум, сведочат“ на Тео Панагопулос и долгометражниот документарец „Кон запад, во Запата“ на Дејвид Бим.

Приказната во филмот „Кон запад, во Запата“ се одвива во оддалечените мочуришта на Запата во Куба, каде Ланди и Мерцедес се борат да го израснат својот син среде економски колапс и сè поголеми општествени немири. Принудени на болни разделби и тешки одлуки, тие се обидуваат да го зачуваат своето семејство. Филмот е интимен портрет на истрајноста, љубовта и цената на опстанокот.

Фестивалското мото „Само сонот е стварност“ е наслов на песна од Тин Ујевиќ, но и на книга на една од нашите најзначајни македонски филмолози и филмски критичарки, Илинденка Петрушева (1944-2025). Специјален настан посветен на Петрушева со наслов „Така пишуваше Илинка“ ќе се одржи на 22 август, во 19 часот, во Сули ан.

Во нејзин спомен ќе се одржи разговор за филмот со некои од нејзините најблиски соработници и наследници на нејзиното дело: Влатко Галевски, филмски критичар и модератор на разговорот; Петар Волнаровски, главен и одговорен уредник на списанието „Кинопис“ при Кинотеката на Република Македонија; Саша Дуковски, доктор на правни науки, редовен професор и киноаматер; и Русе Арсов, продуцент и програмски раководител на драмската програма при МКЦ. Разговорот ќе биде проследен со проекција на краткометражниот филм „Кино Мортус“ во режија на Ивана Цветковска и продукција на школата „Докуникулци“ на „МакеДокс“.

Земја во фокус годинава е Шпанија со избор од најавтентичните и највозбудливите остварувања на тамошната современа документарна сцена. Програмата се одликува со силен авторски печат, визуелна смелост и тематска разновидност, а ќе вклучи и избор на кратки документарни филмови од Канарските Острови и експериментални краткометражни дела од Перу.

Програмата ќе ја отвори „Амилкар“ на режисерот Мигел Еек, заедно со краткометражниот „Роење птици“ на Ксавиер Марадес на 21 август, во 21 часот, во Куршумли ан. Двајцата автори не само што ќе бидат гости на 17. издание на „МакеДокс“, туку и ќе одржат мастер-клас посветен на современите пристапи во креативниот документарен филм.

Покрај филмската програма, на 17. „МакеДокс“ ќе се одржат две панел-дискусии со пошироко јавно значење.

Панел-дискусијата со тематски наслов „Културната инфраструктура пред Европската престолнина на културата 2028“ ќе се одржи на 24 август (понеделник), во 13 часот, во „Лабораториум“ и ќе се обиде да даде одговор на прашањето: Каде исчезнаа кината?

Панел-дискусија за киното и за филмската критика со наслов „Филмска критика во ера на алгоритми?“ ќе се одржи на 25 август (вторник), во 13 часот, во „Лабораториум“.

Седумнаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенција за филм на Република Северна Македонија и бројни институции, амбасади и спонзори.

Распродадени премиери

Секторот за продажба на билети на „МакеДокс“ известува дека билетите за филмската програма на отворањето на 20 август, во 20:30 часот, се распродадени, додека има можност за набавување билети за концертот од музичката програма „Ноќни приказни“ од 23 часот.

Исто така, распродадени се билетите за македонската премиера на документарниот филм „Добри луѓе“ на режисерот Милчо Манчевски за проекцијата што ќе се одржи на 23 август (недела), во 21 часот, во Куршумли ан.