
Бугарија го реконструира граничниот премин „Капитан Андреево“ кон Турција, капацитетот ќе се зголеми за 25 отсто
На граничниот премин меѓу Бугарија и Турција „Капитан Андреево“ официјално започна реконструкцијата и модернизацијата вредна над 43,55 милиони евра без ДДВ, со која капацитетот на пунктот треба да се зголеми за 25 отсто, односно за дополнителни 250.000 возила годишно, соопшти началникот на граничниот пункт Георги Господинов.
На граничниот премин меѓу Бугарија и Турција „Капитан Андреево“ официјално започна реконструкцијата и модернизацијата вредна над 43,55 милиони евра без ДДВ, со која капацитетот на пунктот треба да се зголеми за 25 отсто, односно за дополнителни 250.000 возила годишно, соопшти началникот на граничниот пункт Георги Господинов.
Официјалниот почеток на градежните работи го означија Господинов и Марина Ганева, претставничка на компанијата изведувач „Главболгарстрој“ АД. Проектот ќе се реализира во три фази во времетраење од 12 месеци, а очекуваниот рок за завршување е крајот на летото 2027 година, при што сообраќајот за целото времетраење на градежните активности нема да биде запрен, јави БТА.
Во изјава за новинарите, Господинов истакна дека „Капитан Андреево“ е еден од најоптоварените и стратешки најважни копнени гранични премини во Европската Унија, низ кој годишно преминуваат над еден милион товарни возила. Основната цел на овој проект е да се одговори на зголемениот обем на сообраќај со подобрување на условите за преминување и работа, како и со оптимизација на организацијата и координацијата на контролните служби.
Најзначајниот дел од модернизацијата се однесува на проширувањето на лентите за товарниот сообраќај. На влезот за камиони, лентите со кои управува Генералната дирекција „Гранична полиција“ ќе се зголемат повеќе од двојно — од три на седум, додека на излезот нивниот број ќе порасне од две на три. Во исто време, лентите на Агенцијата „Царина“ за тешкиот сообраќај на излез ќе бидат проширени од шест на осум.
Проширување е предвидено и за патничките возила, каде што лентите на влезот во земјата ќе се зголемат од 10 на 15, при што пет од нив ќе бидат изведени како реверзибилни за да можат да се користат во двете насоки во зависност од фреквенцијата на сообраќајот.
Проектот опфаќа и изградба на нови настрешници и контролни кабини, реконструкција на автобуските терминали, поставување патеки за автоматизирана регистрација на патници, автоматски уреди за дезинфекција, платформи за мобилни рендгенски системи, како и опремување на секоја од товарните ленти со нова рендгенска опрема. На коловозот за товарни возила ќе се постави подлога од армиран бетон, а ќе се изгради и специјализирана зона за превоз на живи животни. По завршувањето на градежните работи, 50 отсто од потребната електрична енергија за пунктот ќе се произведува преку сопствени фотоволтаични системи.
Градежно-монтажните работи започнуваат во август бидејќи во овој период товарниот сообраќај е традиционално со помал интензитет, што овозможува минимално влијание врз одвивањето на сообраќајот. Изработениот распоред е усогласен со пиковите на оптовареност на лентите, а Господинов ги повика возачите на патнички и товарни возила да ја почитуваат привремената сообраќајна сигнализација.
Изградбата стана можна откако Министерството за регионален развој и јавни работи на Бугарија во средината на јули го одобри проектот и издаде градежна дозвола.