
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, упати нов апел до граѓаните за максимална внимателност и одговорност во текот на летниот период за да се спречат пожари на отворен простор.
При обиколка на подрачјето покрај реката Треска, Ангелов преку видеопорака укажа на конкретен пример каде што било поставено огниште за скара во непосредна близина на сува трева и суви гранки кои водат кон шумата.
Тој предупреди дека ваквиот невнимателен однос во услови на високи температури и суво време претставува сериозна опасност од избувнување на шумски пожари.
– Видете го ова. Видете ја оваа сува трева. Видете го овој куп суви гранки, кои директно водат кон блиската шума. Ова е рецепт за катастрофа. Дали треба да се запали ова преубава шума за некому да му преработи совеста. Секојдневно повикувам, предупредувам и ги молам граѓаните да бидат внимателни со своето поведение за да не предизвикаат пожар. Секој ден нагласувам дека е доволно само една искра за да настане вистинска катастрофа – изјави Ангелов.
Првиот човек на ДЗС изрази разочараност што и покрај постојаните предупредувања од институциите, на терен сè уште се забележува палење оган на отворено.
– Уште еднаш ве молам, не палете оган во текот на летото. Доволно е само искра за да настане катастрофа – порача Ангелов.