
Британскиот премиер се допишувал со лажна советничка на Трамп
Откако Енди Барнам стана премиер на 20 јули, тој разменил „неколку пораки“ со измамник кој се претставил како Сузи Вајлс, шефицата на кабинетот на Белата куќа.
Откако Енди Барнам стана премиер на 20 јули, тој разменил „неколку пораки“ со измамник кој се претставил како Сузи Вајлс, шефицата на кабинетот на Белата куќа.
Британскиот премиер Енди Барнам разменувал пораки со некого кој лажно се претставувал како една од најблиските советнички на американскиот претседател Доналд Трамп, објави „Политико“, повикувајќи се на четворица владини извори. Измамникот тврдел дека е шефицата на кабинетот на Белата куќа, Сузи Вајлс, но премиерот по некое време се посомневал дека станува збор за лажен контакт.
Според извор запознаен со комуникацијата, откако Барнам стапил на функцијата биле разменети „неколку пораки“, но тие „немале никакво значење“.
Британската амбасада во Вашингтон била толку загрижена поради инцидентот што го пријавила случајот во Белата куќа, изјавиле двајца од изворите. Тие, како и останатите соговорници, зборувале под услов на анонимност поради чувствителноста на прашањето.
Во британската влада постоела загриженост дека телефонот на Вајлс повторно бил хакиран. Од Белата куќа одбиле да го коментираат случајот.
Минатата година Белата куќа и ФБИ започнаа истрага откако американски сенатори, гувернери и директори на компании добиле пораки и телефонски повици од некого кој тврдел дека е шеф на кабинетот на Трамп. „Волстрит џурнал“ објави дека Вајлс им кажала на своите соработници дека нејзините контакти во мобилниот телефон биле хакирани. Не е познато за што разговарале Барнам и измамникот, ниту кога биле испратени пораките. Деталите за лажниот контакт биле чувани во строга тајност.