
ЕСМ ангажира кинеска компанија за изградба на соларни централи од 30 мегавати во Осломеј и Битола
АД ЕСМ ја ангажираше кинеската компанија POWERCHINA Jiangxi Electric Power Construction за изградба и управување со нови соларни фотоволтаични капацитети со вкупна моќност од 30 мегавати во Северна Македонија, објави Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
АД ЕСМ ја ангажираше кинеската компанија POWERCHINA Jiangxi Electric Power Construction за изградба и управување со нови соларни фотоволтаични капацитети со вкупна моќност од 30 мегавати во Северна Македонија, објави Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Според известувањата на ЕБОР, ЕСМ кон крајот на јуни потпишала два договори со кинеската компанија, а завршувањето на проектите е предвидено до 13 август 2027 година.
Првиот договор, вреден 12 милиони евра, се однесува на проширување на соларната електрана во Осломеј за дополнителни 10 мегавати. Новиот капацитет ќе биде изграден на просторот на исцрпениот рудник за јаглен кај Термоелектраната Осломеј.
Вториот договор е вреден 15,65 милиони евра и предвидува изградба на фотоволтаична електрана со моќност од 20 мегавати во близина на РЕК Битола.
Од ЕБОР претходно соопштија дека новите 30 мегавати соларни капацитети се очекува да овозможат намалување на емисиите на јаглерод диоксид за околу 33.000 тони годишно.
ЕБОР во 2021 година одобри заем од 25 милиони евра за ЕСМ за поддршка на проектот. Тогаш беше најавен и план за развој на дополнителни 100 мегавати соларни капацитети во Осломеј.
Истата година Владата потпиша договори со бугарската Solarpro Holding и турската Fortis Energy Electric за изградба на фотоволтаични електрани со вкупна моќност од 100 мегавати на локацијата на стариот рудник во Осломеј. Во 2022 година ЕСМ започна со пробна работа на првата соларна електрана од 10 мегавати на оваа локација.
ЕСМ е во целосна државна сопственост и обезбедува околу 90 отсто од домашното производство на електрична енергија. Компанијата управува и со првиот ветерен парк во земјата, „Богданци“, со инсталирана моќност од 37 мегавати.