Пожарот кај Херцег Нови се шири на фронт од 15 километри

Црногорските пожарникари, војниците и припадниците на Министерството за внатрешни работи трет ден се борат со големиот шумски пожар над Херцег Нови, кој под дејство на силниот ветер се прошири кон населените места и создаде огнен појас од околу 15 километри, објави Радио-телевизија Црна Гора (РТЦГ).

Црногорските пожарникари, војниците и припадниците на Министерството за внатрешни работи трет ден се борат со големиот шумски пожар над Херцег Нови, кој под дејство на силниот ветер се прошири кон населените места и создаде огнен појас од околу 15 километри, објави Радио-телевизија Црна Гора (РТЦГ).

И покрај тоа што ветерот брзо го менува правецот и отвора нови жаришта, спасувачките екипи досега успеаја да одбранат стотици загрозени објекти. Пожарот, кој ноќеска се прошири од подрачјето над Бијела и Баошиќи кон Зеленика и Каменари, од утрово дополнително го гасат два противпожарни авиона и еден хеликоптер на МВР и на Армијата на Црна Гора.

– Се позициониравме на сите клучни точки и ги браниме загрозените куќи. Ситуацијата е сложена, но имотот што беше директно загрозен засега е спасен – изјави командирот на Службата за заштита и спасување на Херцег Нови, Златко Ќировиќ.

Противпожарните екипи и засилувањата пристигнати од другите црногорски општини се на терен повеќе од 48 часа без прекин. Повеќе од 100 локални жители веќе понудија сместување и одмор за исцрпените спасувачи, додека полицијата упати апел до граѓаните да не заминуваат самоволно на зафатените подрачја и строго да ги почитуваат упатствата на Кризниот штаб.

Гаснењето го отежнува бранот екстремно топло време со температури до 39 степени Целзиусови и засилен северен ветер, што дополнително ја комплицира ситуацијата и во други делови од земјата. Поради разгорување на огнот кај локалитетите Владимир и Шас во близина на Улцињ, најавено е пренасочување на еден противпожарен авион кон тој регион, а активни пожари на повеќе локации се забележани и во подрачјето на Кусида кај Никшиќ.