
Втор смртен случај од западнонилска треска во државава, станува збор за скопјанец на возраст од 72 години, информираше денеска директорот на Инфективната клиника во Скопје, Фадил Цана.
– Поради транспарентност и коректно информирање на јавноста, сакам да информирам дека, за жал, кај пациент на 72-годишна возраст со лабораториски потврдена инфекција со West Nile вирус и тешка клиничка слика на менингоенцефалитис, настапи смртен исход – соопшти тој
Притоа, појасни дека пациентот уште при прием бил во тешка општа состојба, со изразена невролошка симптоматологија.
И покрај преземените мерки за интензивно лекување и континуирано следење, неговата здравствена состојба прогресивно се влошувала.
-Во моментов на Клиниката се хоспитализирани вкупно 24 пациенти, од кои кај 19 е лабораториски потврдена инфекција со West Nile вирус. Пет од нив се суспектни и тие се во тек на дијагностичка постапка.
Кај седум од хоспитализираните пациенти е регистрирана потешка клиничка состојба и тие се под интензивен медицински надзор.
Пет од нив се на механичка вентилација, другите пациенти кои се хоспитализирани се во Одделот за невроинфекции и веќе се во стабилна состојба. Се преземаат сите неопходни мерки за нивно лекување – истакна Цана.
Ова е втор случај на смрт од западнонилска треска, по смртта на 83-годишен пациент.