
Областа Атика, поширокиот регион на Атина, Халкидики, делови од централна Грција и Пелопонез, западна Грција, регионалните единици Кавала и Еврос, островите Тасос и Евија, како и дел од островите во Јонското и Егејското Море, вклучително и Кикладите, се меѓу подрачјата во Грција за кои е активиран црвениот аларм за утре, односно се ставени во состојба на мобилизација (Red Code) поради зголемена опасност од пожари, јави дописничката на МИА од Атина.
Координативното тело за цивилна заштита при Министерството за климатска криза и цивилна заштита на Грција попладнево одржа состанок во присуство на надлежниот министер Евангелос Турнас, кој посочил дека земјата влегува во нов циклус на особено тешки услови, со силни ветрови кои се очекува да зафатат голем дел од Грција во наредните денови.

Во тој контекст, побарал максимална готовност и навремено распоредување на силите на терен, со цел да се намали времето на реакција, а во неговата изјава посочи дека „утрешниот ден е исклучително критичен“.
– Државниот механизам се наоѓа во целосна мобилизација и сите наши сили се во зголемена оперативна готовност. Повторно упатувам силен апел до граѓаните. Утрешниот ден, но и следните денови бараат од сите нас максимално внимание. Дури и најмала невнимателност во вакви услови може да предизвика пожар и за многу кратко време да доведе до исклучително тешка ситуација. Сите мораме да направиме сè што е во наши раце за да го ограничиме секој можен ризик. Потребни се одговорност, будност и целосно внимание од сите. Приоритет е заштитата на човечкиот живот, имотот и природната средина, посочи Турнас.
Според картата со прогноза на опасност од пожари, што секојдневно ја објавува Генералниот секретаријат за цивилна заштита при Министерството за климатска криза и цивилна заштита, за утре, четврток, 13 август 2026 година, периферијата Атика, областа Виотија, островите Евија и Лезбос и западниот дел од Пелопонез се во последната, највисока категорија, во црвена состојба на тревога со екстремно висока опасност од пожар.
Во портокаловата категорија со висока опасност се: Халкидики и Света Гора, голем дел од Пелопонез, западна Грција, островите од Јонското море, областите Епир и Тесалија, Кикладските острови, североисточна Грција, вклучително и островот Тасос.

Овие две категории, односно сите овие области се во состојба на мобилизација (Red Code), што значи дека националниот механизам се става во целосна мобилизација, при што се активира и распоредува потребниот човечки потенцијал и соодветните средства и опрема во случај на закана од опасност.
Во зголемена готовност ќе бидат и полицијата, крајбрежната служба, механизмот за цивилна заштита на перифериите, шумската служба, компаниите за електродистрибуција, како и националниот центар за итна медицинска помош.
Од општина Атина соопштија дека од вечерва ќе бидат затворени два рида во главниот град за секакви активности, а општинската полиција е во зголемена готовност со засилени патроли.