
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во гостување на РТВ21 во Приштина изјави дека побарал од Артан Груби да се врати во Македонија и да се соочи со одговорноста доколку ја злоупотребил неговата доверба.
Ахмети потенцира дека бара вистинска и неселективна правда и се надева дека Груби ќе биде ослободен од домашен притвор и дека постапката ќе продолжи.
— Јас бев главниот поддржувач кој побара Артан Груби да се врати во Северна Македонија за да го преземе процесот. Му реков директно: „Ако си ја злоупотребил мојата доверба, одговарај за тоа“. Тој се заколна дека ќе работи чесно. И единствениот збор што ми го кажа беше: „Работев чесно“. И јавно побарав и вршев притисок врз локалната политика да го пуштат да излезе и да одговори. Но, не со селективна правда, туку сакам да се спроведе вистинска правда. И, мислам дека работите одат добро, првото нешто е да се ослободи од домашен притвор и да видиме како ќе продолжи — рече Ахмети.
За навестувањата дека Артан Груби може да излезе од притвор бидејќи обвинение се уште нема, реагираше и СДСМ оценувајќи дека од свечен пречек со црвен тепих и камери, преку куќен притвор, сега има најава за целосна слобода.
-Артан Груби веројатно наскоро ќе излезе и од куќен притвор, ако обвинителот кој го извади од Шутка не поднесе обвинение во законскиот рок. И сега се поставува логичното прашање: Кога Груби ќе биде слободен – дали повторно СДСМ и професор доктор Венко Филипче ќе бидат прогласени за виновни? Секако. Тоа е стандардната матрица на организираната криминална група ВМРО и на шефот на бандата, Христијан Мицкоски. Затоа што Мицкоски комплетно управува со правосудството.
– Обвинители поставува во живо на телевизија.
– Другите ги дискредитира и ги нарекува „медиокритети“.
– За судии поставува свои советници, сопруги на функционери на ВМРО и луѓе блиски до Сашо Мијалков.
– Судски процеси нарачува од собраниската говорница, преку медиумите, а на крај и по телефон.
И кога Груби ќе биде слободен, сценариото е веќе напишано: Виновни ќе бидат СДСМ и Филипче, оценуваат од СДСМ прашувајќи зошто не биле виновни кога Никола Груевски беше ослободен, кога Драган Павловиќ Латас беше ослободен или кога беше укината пресудата за враќање на имотот на ВМРО-ОКГ стекнат со криминал.