Превозниците од Западен Балкан на средба во Скопје – сè уште нема решение за ограничениот престој во шенген-зоната

На средбата, која по првпат се одржува во земјава, е најавено учество на раководствата на здруженијата на превозниците од Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Здруженијата на професионалните превозници од земјите од Западен Балкан утре ќе одржат регионална средба во Скопје, на која ќе разговараат за проблемот со кој се соочуваат во однос на ограничениот престој во земјите од шенген-зоната на 90 дена во период од 180 дена.

На средбата, која по првпат се одржува во земјава, е најавено учество на раководствата на здруженијата на превозниците од Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

„Проблемот сè уште не е решен. Средбата се одржува за да ја утврдиме агендата на нашите идни активности“, вели Биљана Муратовска од Асоцијацијата на превозници МАКАМТРАНС во изјава за МИА.

Превозниците веќе испратиле писмо до Европската Унија со барање за директна средба со цел надминување на проблемот со кој се соочуваат. Тие го поставија 10 август 2026 година како рок до кој очекуваат од Брисел да каже како ќе се реши статусот на професионалните возачи, но засега останаа без конкретен одговор.

Министерот за транспорт Александар Николоски во јули изјави дека проблемот со професионалните возачи земјава го решава самостојно преку билатерални разговори со држави од Европската Унија, а не заедно со другите земји до Западен Балкан бидејќи, според него, ова прашање се злоупотребува од дел од нив за политички цели.

Во рамки на овие разговори, додаде Николоски, договори со кои на извесен начин се решава проблемот на возачите се постигнати со Хрватска, Швајцарија и Романија, а во завршна фаза се решенијата од разговорите со Словенија, Австрија и Германија.