ЗНМ бара итно постапување поради директните закани по живот кон Ерол Ризаов

Особено загрижува фактот што дел од коментарите содржат експлицитни повици за негово физичко елиминирање и смрт.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изразува сериозна загриженост поради директните закани по животот, повиците за насилство и етнички заснованите навреди упатени кон новинарот и колумнист Ерол Ризаов преку коментари на неговата колумна објавена на порталот „Независен.мк“ и на неговата официјална Фејсбук-страница.

ЗНМ упати ургенција до МВР, со барање случајот да биде детално проверен. Особено загрижува фактот што дел од коментарите содржат експлицитни повици за негово физичко елиминирање и смрт. Во еден од коментарите се вели: „дали ќе се најде јунак на ова ѓубре подсекушка како ќосето со камата да расчисти“, додека во друг се поставува прашањето: „Нема ли кој да го реши Ерол на експресен начин?!“. Дополнително, во коментарите се упатуваат и етнички засновани навреди кон Ризаов.

Очекуваме МВР итно да ги обезбеди и зачува електронските докази, да ги утврди идентитетите на лицата кои стојат зад профилите и да процени дали во конкретниот случај постојат елементи на кривични дела поврзани со закани, поттикнување или повикување на насилство и говор на омраза. Бараме, доколку се утврдат такви елементи, случајот без одлагање да биде доставен до надлежното јавно обвинителство.

Заканите кон новинарите поради нивната работа се сериозен удар врз слободата на изразување и не смеат да се игнорираат. Од исклучителна важност е во вакви ситуации институциите да реагираат навреме и да спречат заканите да прераснат во насилство.