
Специјално видео во пресрет на одбележувањето на 35 – годишнината на независноста на Македонија објави денеска претседателот на Владата Христијан Мицкоски на својот профил на Фејсбук, додека е на осумдневен одмор во Белгија со семејството.
„Силно светнал ден! 35 години независност“, напиша тој на Фејсбук.
На 8 септември се одбележувааат 35 години од независноста на нашата земја, а одбележувањата започнаа на националниот празник Илинден. Специјален музичко-сценски спектакл „Силно светнал ден“, којшто ќе биде изведен во 11 градови, првата изведба на музичко-сценскиот спектакл ќе ја има вечерва во 19:30 часот во Охрид на стадионот „Билјанини извори“.
Преку музика, глума и танц, во форма на мултимедијален сценски спектакл ќе биде раскажана приказната за 35 години независност на нашата татковина, истакнувајќи ги најзначајните историски моменти, подеми, предизвици и достигнувања од изминатите три и пол децении.
Низ приказната за македонските успеси низ годините не води познатиот актер, водител и изведувач Игор Џамбазов, оперските пејачи Игор и Ана Дурловски во придружба на Македонската Филхармонија ја изведуваат познатата песна „Љуби ме и главата горе“ на Зафир Хаџиманов, а во него учествуваат и други актери од постарата и помладата генерација. Содржани се и инсерти од најзначајните моменти од прогласување на независноста, воведувањето на денарот и.т.н…
Џамбазов ја започнува приказната: „Луѓе какви 35 години!“.





На 11 август спектаклот ќе биде изведен во Битола пред платото на Офицерскиот дом, а на 12 август во паркот пред Општина Велес.

На 15 август во Градскиот парк во Струмица со почеток во 20 часот концерт ќе одржат трите легендарни македонски бендови Меморија, Мизар и Синтезис.
Легендите на електронската музика Пол Ван Дајк и Пол Окенфолд ќе настапат заедно на 16 август исто така во Градскиот парк во Струмица, во рамки на одбележувањето 35 години независност на Македонија.
Останатите градови ќе бидат дополнително објавени.
За 1 септември е најавен настапот на славниот шпански тенор Хосе Карерас на Плоштадот Македонија заедно со македонски ѕвезди меѓу кои ќе настапат Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Калиопи, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Игор Дурловски и Ана Дурловски. Целиот концерт ќе го придружуван од Оркестарот на Филхармонијата.
Кулминација ќе биде последниот перформанс на 4 септември на Плоштадот „Македонија“ во Скопје, на кој ќе настапат повеќе од 120 уметници. Музичкиот дел од одбележувањето завршува на 8 септември со настапот на Дејвид Гета на скопскиот стадион „Тоше Проески“.
Манифестацијата „35 години независност на Македонија“ започна на 2 Август – Илинден во Битола. Организатор е „Авалон“ во соработка со Владата на С Македонија.