Оман соопшти за конструктивни преговори за условите за пловењето во Ормуската теснина

Оман соопшти дека преговорите за условите за пловењето во Ормуската теснина се одвиваат во „позитивна и конструктивна атмосфера“, објави ДПА.

Оман соопшти дека преговорите за условите за пловењето во Ормуската теснина се одвиваат во „позитивна и конструктивна атмосфера“, објави ДПА.

Министерството за надворешни работи на Оман во кратко соопштение објавено синоќа не прецизира кои земји учествуваат во разговорите.

Оман, кој заедно со Иран граничи со Ормуската теснина повика на избегнување на какви било дејствија што би можеле да влијаат на „овие преговори и постигнатиот напредок, кој ги зема предвид интересите на сите страни“.

Оман и Иран со недели водат разговори за да најдат решение за прашањето за регулирање на превозот преку клучниот морски пат, кој игра важна улога во глобалното снабдување со енергија, потсетува ДПА.

Американскиот претседател Доналд Трамп постојано повторуваше дека Вашингтон исто така учествува во разговорите – тврдење што Техеран го негира.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи вчера изјави дека Техеран и Мускат се блиску до постигнување договор за нов механизам за регулирање на превозот во Ормуската теснина. Оман, исто така, ги осуди повторните напади врз бродовите што минуваат низ теснината, опишувајќи ги како „кршење“ на меѓународното право и територијалните води, како и закана за безбедноста на пловењето на бродовите.