
Од скопското обвинителство информираат дека е поднесена жалба на ослободителната пресуда за случајот ,,Талир 2″.
-Надлежниот јавен обвинител ја прими првостепената пресуда и вложи жалба, информираа од Обвинителството.
Инаку, пред неполн месец во Кривичниот суд беше изречена ослободителна пресуда за екс премиерот Никола Груевски, кој беше обвинет во ,,Талир 2″, за незаконската изградба на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ.
Судијката Даниела Алексовска-Стојановска рече дека ослободителната пресуда е резултат на измените на Кривичниот законик од 2023 година, бидејќи тие навидум минорни измени на Кривичниот законик, всушност, многу влијаеле на битието на кривичното дело.
Овој случај застарува на крајот на август, што значи дека не може да се очекува некаква поинаква пресуда, туку само да се констатира застарување. Сепак во ваков случај ќе има барем и минимална можност за реализирање на конфискација на ,,Белата палата” на ВМРО-ДПМНЕ.
Пред три години сликата беше сосема поинаква, бидејќи тогаш државата беше на чекор сиот партиски имот да го префрли на своја тапија, бидејќи имаше првостепена осудителна пресуда. Тогаш Кривичниот суд одмери шест години затвор за екс премиерот Груевски и условна казна за Кирил Божиновски. Беше наложена и конфискација на партискиот имот, но становите и нивите никогаш не се префрлија на име на државата, бидејќи пресудата падна на Апелација поради скандалозните измени на Кривичниот законик.
По направената преквалификација на обвинението, судењето почна од почеток. Во меѓувреме од прогон се спаси Божиновски, за кого делото застаре, а кривичниот прогон за Груевски и партијата продолжи.
Преземено од Фокус