Работа на 40 степени: ССМ предупредува дека има колабирани работници
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) предупредува дека дел од работодавачите и понатаму не ги спроведуваат препораките за работа во услови на екстремно високи температури, со што директно го загрозуваат здравјето на вработените.

Од ССМ велат дека веќе има случаи на работници кои колабирале додека извршувале работни задачи на отворено или во простории без соодветни услови за разладување. Поради тоа, синдикатот бара Државниот инспекторат за труд да ги интензивира контролите и строго да ги санкционира прекршителите.
Лекарите предупредуваат дека долготрајната изложеност на високи температури може да доведе до сериозна дехидратација, топлотна исцрпеност, сончаница и топлотен удар, состојби кои бараат итна медицинска интервенција.
Во периоди кога е прогласена портокалова или црвена фаза поради топлотен бран, надлежните препорачуваат прилагодување на работното време, редовни паузи, обезбедување вода за пиење и избегнување тешка физичка работа во најжешкиот дел од денот.
Од ССМ нагласуваат дека безбедноста и здравјето на работниците мора да бидат приоритет и апелираат сите работодавачи доследно да ги почитуваат мерките за заштита при работа во екстремни временски услови.