
Напорите за решавање на конфликтот меѓу САД и Иран се во напредна фаза, а меѓу двете страни веќе се разменуваат нацрти на можен договор, изјави портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи, Маџед ал-Ансари.
Тој посочи дека Катар и Оман продолжуваат да посредуваат меѓу Вашингтон и Техеран, иако засега нема директни разговори меѓу двете земји.
-Веќе е подготвен текст на можен договор и во моментов се доставува до двете страни – изјави Ал-Ансари, додавајќи дека главната цел е САД и Иран повторно да седнат на преговарачка маса.
И покрај дипломатските напори, тензиите во Ормускиот Теснец и натаму се високи.
Воениот советник на иранскиот врховен лидер, Мохсен Резаи, предупреди дека Иран нема да дозволи американска блокада на неговиот извоз и дека би можел да реагира доколку американски воени бродови користат пловни рути што Техеран не ги одобрил.
Во меѓувреме, американскиот министер за финансии, Скот Бесент, изјави дека договор за повторно воспоставување на пловидбата низ Ормускиот Теснец би можел да биде постигнат веќе денеска или утре.