Полска третпат за неколку дена пресретна руски извидувачки авион над Балтичкото Море

Полските воздухопловни сили по третпат во последните неколку дена пресретнаа руски извидувачки авион над Балтичкото Море – соопштија денеска полските власти, пренесе ДПА.

Полските воздухопловни сили по третпат во последните неколку дена пресретнаа руски извидувачки авион над Балтичкото Море – соопштија денеска полските власти, пренесе ДПА.

Министерот за одбрана, Владислав Кошињак-Камиш, на платформата „Икс“ објави дека руски извидувачки авион „Ил-20“ бил забележан на околу 56 километри североисточно од градот Кошалин и бил пресретнат од два полски ловци.

Според Министерството за одбрана, авионот не го нарушил полскиот воздушен простор.

„Русија повторно спроведува провокативни активности во близина на границите на земјите членки на НАТО, со што ја тестира будноста и оперативната подготвеност на одбранбените системи на Алијансата“, изјави Кошињак-Камиш.

Слични инциденти со руски извидувачки авиони над Балтичкото Море беа регистрирани и вчера, како и во петокот, на 31 јули.

Според Варшава, во последните недели е забележано значително зголемување на бројот на руски извидувачки летови во близина на полскиот брег.

Во средината на јули полските воздухопловни сили три последователни дена пресретнуваа руски воени авиони.

Полска и балтичките држави предупредуваат дека, поради тешкотиите со кои се соочува во војната против Украина, Русија би можела дополнително да ги засили провокативните активности кон земјите членки на НАТО, вклучително и преку извидувачки летови во близина на нивните граници, наведува ДПА.