ДУИ е за една изборна единица, oтворени листи и изборен праг од 5 проценти
Остануваме цврсто на нашиот став дека на државата и е потребна една изборна единица, но со отворени листи за пратеници и со изборен праг од 5 проценти од вкупниот број избирачи запишани во Избирачкиот список – истакна во изјава за медиумите координаторката на пратеничката група на „Европски фронт“ и пратеничка на Демократската унија за интеграција, Рина Ајдари, по одржаната средба во Собранието помеѓу политичките партии за Изборниот законик.

-Со жалење ве информирам дека денешните разговори за усвојување на измените на Изборниот законик не успеаја. И не пропаднаа по вина на сите, туку поради повлекувањето на одредени политички партии од ставовите за кои претходно постигнавме договор. ДУИ со месеци активно и конструктивно учествуваше во работната група. За клучните прашања беше постигнат компромис, додека за некои други не беше постигнат договор. Сепак, усогласениот предлог беше доставен до Собранието, а ДУИ го потпиша токму во формата што беше договорена во рамките на работната група. По доставувањето на предлогот во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ се повлече од две суштински точки на договорот. Прво, од електронско гласање на дијаспората, барајќи гласањето да се спроведува по пошта, и второ, од договорот подзаконските акти на Државната изборна комисија што се однесуваат на електронското гласање на дијаспората да се донесуваат со консензус, барајќи тие да се усвојуваат со мнозинство гласови – рече таа.
За ДУИ, како што рече Ајдари, ова е неприфатливо, бидејќи, според неа, отвора простор за политички инженеринг и надгласување, како што се случило во 2024 година, кога членката на Државната изборна комисија, Дитмире Шеху, била, вели, надгласувана од претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ВРЕДИ.
Ајдари нагласи дека секоја измена и дополнување на Изборниот законик мора да биде усвоена со меѓуетнички и меѓупартиски консензус.
-Ова не е само прашање на процедура, туку гаранција за довербата во изборниот процес и за неговиот демократски легитимитет. Уште еднаш потенцираме дека секоја измена на Изборниот законик е неопходен меѓуетнички и меѓупартиски консензус. ДУИ нема да прифати еднострани решенија што ја нарушуваат политичката еднаквост, правичната застапеност и довербата во изборниот процес – изјави пратеничката Ајдари.