
ДУИ: Локалната власт и Владата молчат за поништувањето на имињата на улиците во Тетово
Демократската унија за интеграција (ДУИ) преку соопштение испратено денеска изрази сериозна загриженост по изјавата на уставниот судија Осман Кадриу, поврзана со одлуката за поништување на имињата на улиците, булеварите и плоштадите во Тетово и нивното враќање на називите од југословенскиот период.
Демократската унија за интеграција (ДУИ) преку соопштение испратено денеска изрази сериозна загриженост по изјавата на уставниот судија Осман Кадриу, поврзана со одлуката за поништување на имињата на улиците, булеварите и плоштадите во Тетово и нивното враќање на називите од југословенскиот период.
Според опозициската партија, начинот на кој се водела оваа постапка претставува скандалозно сведоштво за троен институционален неуспех, а како што велат оттаму, повикувајќи се на тврдењата на судијата Кадриу, Општина Тетово воопшто не ја бранела одлуката донесена пред деветнаесет години и не презентирала никакви аргументи пред судот. Дополнително, велат, Владата не доставила конкретен одговор и не презела чекори за одбрана на актот, а судската одлука била донесена преку етничко надгласување, при што двајцата судии Албанци и еден судија Турчин во Уставниот суд биле надгласани од мнозинството.
„Длабоко загрижува фактот што прашања со висока етничка и политичка чувствителност се решаваат преку логика на етничко надгласување, што ја поткопува довербата во институциите кои треба да бидат гаранти на еднаквоста и соживотот“, велат од ДУИ.
Оттаму велат дека граѓаните заслужуваат јасни одговори зошто локалната власт не ја бранела својата одлука и зошто Владата молчела, односно како е воопшто дозволено едно прашање од толку големо значење за Албанците да остане без институционална заштита.
Инаку, пред четири дена, Уставниот суд со мнозинство гласови ја укина одлуката со која во 2007 година, во Тетово, беше извршено преименување на повеќе улици и на централниот градски плоштад од „Маршал Тито“ во „Илирија“.
Уставниот суд на 3 март поведе постапка по иницијативата, наведувајќи дека во одлуката на Општина Тетово не бил почитуван законскиот услов според кој согласност за таквото преименување на улици и објекти треба да даде и Владата.