Во Скопје се одржа Парада на гордоста

Под мотото „Сите нека знаат“, денеска во Скопје се одржа осмото издание на Скопје Прајд, марш на кој учесниците испратија пораки за еднаквост, видливост и почитување на човековите права.

Под мотото „Сите нека знаат“, денеска во Скопје се одржа осмото издание на Скопје Прајд, марш на кој учесниците испратија пораки за еднаквост, видливост и почитување на човековите права.

Поворката започна кај фонтаната „Лотосов цвет“ во Градскиот парк, по што учесниците маршираа низ централното градско подрачје носејќи транспаренти и знамиња во боите на виножитото.

Од организацискиот одбор истакнаа дека годинашното мото ја нагласува потребата ЛГБТИК+ заедницата да биде видлива во општеството, но и предизвиците со кои нејзините припадници сè уште се соочуваат.

Според организаторите, дел од младите ЛГБТИК+ лица и понатаму се изложени на дискриминација, стигматизација и несигурност поради нивната сексуална ориентација или родов идентитет.

Скопје Прајд традиционално има двојна улога – да биде прослава на различностите, но и протест против говорот на омраза, дискриминацијата и институционалните недостатоци во заштитата на човековите права.

Организаторите порачаа дека борбата за еднаквост не завршува со маршот и повикаа на поголема поддршка, безбедност и еднаков третман за сите граѓани.

Организаторите, Националната мрежа против хомофобија и трансфобија, истакнаа дека Парадата на гордоста и годинава повикува на почитување на човековите права, достоинството и еднаквите можности за сите граѓани. Вистината на ЛГБТИ-популацијата, велат тие, не смее да остане во нивните четири ѕида, потребна е видливост и затоа маршот на гордоста годинава има протестен карактер. Но, велат, потребна е и присутност, зашто овие луѓе се наставници, доктори, клиенти, инфлуенсери, нечии колеги, пријатели, соседи, тие се дел од семејство и тие заслужуваат достоинство и почит за тоа кои се, а нe институционален наплив на омраза и уназадување на веќе стекнати права.