НАТО ќе продолжи да го поддржува Косово, порача Шекеринска

Заменичката генерална секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, порача дека посветеноста на Алијансата кон безбедноста на Косово останува непоколеблива и дека сојузниците се подготвени да продолжат да помагаат во одржувањето на стабилноста во регионот.

Во интервју за РТК, Шекеринска истакна дека Западен Балкан има стратешко значење за НАТО и ја пофали соработката со косовските безбедносни институции, оценувајќи дека таа придонела за подобрување на безбедносната состојба.

Таа потсети дека по безбедносните инциденти во 2023 година било зголемено присуството на КФОР, но по стабилизирањето на состојбата започнал процес на оптимизација на мисијата. Според неа, тоа е показател за зголемените капацитети на локалните институции, а не за намалена посветеност на НАТО.

„Целта на КФОР е да обезбеди безбедна средина и слобода на движење за сите граѓани, но и да го поддржи дијалогот меѓу Белград и Приштина под покровителство на Европската Унија. Само преку политички дијалог може да се обезбеди долгорочен мир“, нагласи Шекеринска.

Таа додаде дека НАТО ќе продолжи да го поддржува Косово, но дека сојузниците очекуваат конкретни резултати од дијалогот, оценувајќи дека решавањето на отворените прашања е клучно за поголема безбедност и просперитет во регионот.