Минчев пред средбата со Мицкоски за реконструкција на Владата: Министрите на ЗНАМ одлично си ја вршат работата

-Направивме ревизија на нивното двегодишно работење и нашиот став во овој момент е дека нашите двајца министри и сите други функционери ревносно и одлично си ја вршат својата работа. За ова прашање нема дали сакаш некого или не сакаш туку дали испорачува резултати или не испорачува резултати. Но, сепак, господинот Мицкоски е премиер и ние би сакале на таа средба в сабота да ги чуеме аргументите и од другата страна, истакна Минчев.

Партиски делегации предводени од лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Христијан Мицкоски и Максим Димитриевски в сабота ќе имаат средба во врска со најавената реконструкција на Владата.

Министерот за јавна администрација и генерален секретар на ЗНАМ, Горан Минчев, изјави дека на таа средба ќе сакаат да дознаат за каков опфат се работи со реконструкција на Владата, затоа што, рече, кога се разговара за реконструкција граѓаните мислат дека тоа е само првиот ешалон односно министрите.

-Меѓутоа, тука има и голем број на втор ешалон, трет ешалон – избрани и именувани функционери коишто, исто така, се на тие позиции со соодветна намена да испорачаат резултат, рече Минчев во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5.

На прашањето дали се подготвени за промени Минчев одговори дека како партија во изминатиот период направиле евалуација на работата не само на нивните министри и заменик-министрите, државните секретари, како позиции од првиот ешалон, туку и на сите други функционери предложени од Движењето ЗНАМ.

-Направивме ревизија на нивното двегодишно работење и нашиот став во овој момент е дека нашите двајца министри и сите други функционери ревносно и одлично си ја вршат својата работа. За ова прашање нема дали сакаш некого или не сакаш туку дали испорачува резултати или не испорачува резултати. Но, сепак, господинот Мицкоски е премиер и ние би сакале на таа средба в сабота да ги чуеме аргументите и од другата страна, истакна Минчев.

Како што рече, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта на прес-конференцијата неодамна во Скопје токму за ресорите на двајцата министри на ЗНАМ (правда и јавна администрација) изјавил дека има видлив напредок, односно Патоказот за владеење на правото и реформите во јавната администрација.

Минчев посочи дека при разговорите за влез во Владата пред две години направиле договор со ВМРО-ДПМНЕ за коалиција за четири години и дека со партијата на Мицкоски имаат идентични ставови по неколку прашања, меѓу кои, како што рече, е ригидниот став против промена на Уставот.

Минчев кажа и дека ставот на ЗНАМ е на следните парламентарни избори да настапат самостојно, без разлика дали тие ќе бидат редовни или предвремени.

-Но, исто така, мора да ги разгледаме сите опции за да ги слушнеме аргументите од кој било наш колаициски партнер. Нашиот став е дека ние сме спремни веднаш, утре ако е потребно, да излеземе на избори и тоа со самостоен настап, рече Минчев во „Само интервју“.