Вајц: Македонија може да биде следната членка на ЕУ по Црна Гора и Албанија

Известувачите на Европскиот парламент за земјите од Западен Балкан денеска во Стразбур ги презентираа нацрт-резолуциите врз основа на годишните извештаи на Европската комисија за напредокот на државите во процесот на европска интеграција.

Известувачите на Европскиот парламент за земјите од Западен Балкан денеска во Стразбур ги презентираа нацрт-резолуциите врз основа на годишните извештаи на Европската комисија за напредокот на државите во процесот на европска интеграција.

На пленарната седница на Европскиот парламент беа разгледани извештаите за Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија и Црна Гора. Во дебатата учествуваше и европската комесарка за проширување Марта Кос, како и повеќе европратеници од различни политички групи.

Известувачот за Македонија, Томас Вајц, оцени дека Западен Балкан и натаму е регион под влијание на различни странски фактори, потсетувајќи на конфликтите што го потресоа регионот во 1990-тите години.

Тој посочи дека две држави успеале да избегнат масовно насилство – Црна Гора и Македонија, додавајќи дека нашата земја има потенцијал да биде меѓу водечките кандидати во процесот на пристапување кон Европската Унија.

– Да, можеме да кажеме дека земјата не ги спроведе реформите што е можно побрзо, но исто така мора да признаеме дека и ние во Европската Унија дадовме ветувања што не ги исполнивме – истакна Вајц.

Според него, Македонија и другите земји од регионот покажуваат подготвеност за спроведување на потребните реформи, а Европската Унија треба да ја одржи нивната мотивација преку конкретни придобивки уште пред полноправното членство.

Како примери ги наведе делумната интеграција во европскиот пазар, олеснувањата во роамингот и приклучувањето кон Единствената европска платежна зона (СЕПА).

Вајц нагласи дека идното проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан ќе донесе значајни безбедносни и економски придобивки за ЕУ, оценувајќи дека по Црна Гора и Албанија, Македонија би можела да биде следната земја што ќе се приклучи на европското семејство.