
Премиерот Христијан Мицкоски, во однос на барањата на албанските студенти да полагаат правосуден испит на албански јазик, рече дека оваа Влада работи на „одржливо решение за овој проблем биде надминат“.
-Од прв ден сум го кажал тоа и стојам позади тоа дека ако државата дозволила да се формира високо образование на јазик различен од македонскиот, во случајов во Македонија имаме такви примери со албанскиот, турскиот и англискиот јазик и ако државата овозможила тоа да се прави, јас не гледам никаква причина теоретскиот дел од полагањето на правосудниот испит да не се врши на еден од тие јазици кој е различен од македонскиот јазик, бидејќи вие сте дозволиле да се формира високото образование на тој јазик – изјави Мицкоски.
Тој посочи дека став на Венецијанската комисија е дека мора да имаме лингва франкa, односно еден јазик во рамките на правосудството во Македонија и едното со другото во случајов не се косат.
-Од друга страна, треба да кажеме исто така дека статистиката е немилосрдна и речиси 95 отсто од кандидатите Албанци кои го полагале правосудниот испит досега и теоретски и практичниот дел на македонски јазик го поминале, што значи апсолутно не станува збор за дискриминација – додаде премиерот.
Тој нагласи дека моменталниот закон ваков каков што е не го уредува полагањето, туку остава право на министерот за правда со одреден друг правен акт да го регулира полагањето на правосудниот испит.
-Изминатите години повеќе министри Албанци од редовите на ДУИ не сакале, а оваа Влада има желба и работи на тоа да најде начин како овој предмет, односно овој проблем да биде надминат, а министерот Филков е дел од оваа Влада која бара решение, за разлика од претходните влади во кои министри Албанци, за правда не сакале да го решат – рече Мицкоски.