Марија Захарова – портпаролката на руското Министерство за надворешни работи денеска иронично ги прокоментира обвинувањата на бугарскиот премиер во оставка, Кирил Петков, дека за неговото заминување од функцијата виновна е и руската амбасадорка во Бугарија – Елеонора Митрофанова, изјавувајќи дека на списокот на „виновници“ недостасуваат уште некои други фиктивни филмски ликови.
„Само Бетмен и жената-мачка сè уште се исчезнати. Мислам, човекот се измори, почна да блада“ рече Захарова, пренесуваат руските медиуми.
Ова доаѓа откако бугарскиот Парламент синоќа и изгласа недоверба на Владата на Петков, а тој за исходот од гласањето обвини тројца политичари и амбасадорката Митрофанова.
Петков ги прозва бизнисменот и поранешен пратеник Дељан Пеевски, лидерот на партијата ГЕРБ и поранешен премиер – Бојко Борисов и Слави Трифонов, чија партија „Има таков народ“ претходно ја напушти владејачката коалиција.