Пендаровски: Во протоколите со Бугарија никаде не пишува дека ако не се решат историските прашања, Македонија не може да стане членка на ЕУ

Владејачката коалиција и владејачката партија се заплеткаа во сопствената предизборна реторика и сега не знаат како да се отплеткаат од тој процес, вели поранешниот претседател Стево Пендаровски за тезата на ВМРО-ДПМНЕ оти уставните измени не се последна пречка во процесот на интеграција во Европската Унија, туку дека претставуваат само вовед во процес во кој Бугарија ќе има можности за нови блокади за идентитетско-историски прашања.

Владејачката коалиција и владејачката партија се заплеткаа во сопствената предизборна реторика и сега не знаат како да се отплеткаат од тој процес, вели поранешниот претседател Стево Пендаровски за тезата на ВМРО-ДПМНЕ оти уставните измени не се последна пречка во процесот на интеграција во Европската Унија, туку дека претставуваат само вовед во процес во кој Бугарија ќе има можности за нови блокади за идентитетско-историски прашања.

Пендаровски вели дека не само Бугарија, туку која било земја членка може да постави дополнителни услови во преговорите оти тоа е процес кој трае со години. Тврдењата дека Бугарија повторно ќе се обиде да го блокира процесот на Македонија поради идентитетски прашања е неточно, додава тој, бидејќи во Преговарачката рамка со ЕУ нема ништо што може да личи на вграден механизам или скриена замка.

„Значи, и тогаш го кажував и сега го повторувам истиот став – не погрешивме затоа што францускиот предлог, практично европската преговарачка рамка на крајот, беше без каква било опасност за македонскиот идентитет, што беше клучната одредница во која тргнува секоја влада, секој претседател, секоја држава која се обидува да се приклучи во тоа големо европско семејство“, рече ексшефот на државата.

Пендаровски вели дека во протоколите никаде не пишува дека доколку не се решат историските контроверзии, земјава не може да влезе во ЕУ, бидејќи во целиот втор протокол, кој актуелната власт го спори, секаде се употребува фразата на охрабрување и поттик, а не условување.

На новинарско прашање зошто во јавната дебата во Македонија доминира позицијата дека историската комисија мора да ја заврши работата на начин на кој Бугарија ќе го кажува тоа, поранешниот претседател вели оти тоа се спинови од кампањата на владејачката партија од 2024 година, кои се потпираа на двете тези – наводно дека само како Бугари би можеле да влеземе во Европската Унија и за деалбанизација или дедуизација. Оттогаш до денес, вели тој, ВМРО-ДПМНЕ не зборува за ништо друго освен дека можеме да влеземе во ЕУ како бугаризирани поранешни Македонци и оти тоа го прават бидејќи во овие две години немаат ниту една работа со која може да се пофалат.

„Кога ќе добиете избори на еден доминантен начин пред сè заради овие две прашања, вие не се откажувате од нив бидејќи ви носат поени и понатаму. Значи, станува збор за гола измама дека наводно во Преговарачката рамка постои одредба која вели: или ќе пишете дека сите тие биле Бугари вклучително и организацијата ВМРО, историското ВМРО, или нема да мрднете кон членство во ЕУ. Тоа е лага, повторувам, тоа е политичка лага конструирана со цел да го одржува рејтингот колку-толку на оваа владејачка коалиција, особено на најголемата партија“, рече Пендаровски.

Доколку Бугарија сака да ја кочи земјава и по внесувањето на бугарското малцинство во Уставот, смета тој, тоа не би се правело на идентитетски план.

„Може да нè кочи од екологија до владеење на правото, но нема да го прави затоа што нема простор за тоа. Ви го споменав нон-пејперот на бугарскиот амбасадор – верувате или не, од сите други 26 држави на таа седница на која тој ги образлагал главните точки од материјалот кој им го дал, ниеден буквално ниту еден друг, ниедна друга држава не рекла: ова држи место, дајте да видиме за што станува збор ако е така“,
рече тој.