ГРК Охрид го освои ЕХФ Европскиот куп

Ракометарите на Охрид се победници во Европскиот куп сезона 2025/26. До историскиот прв трофеј на европската сцена, ГРК Охрид дојде по две победи во финалните пресметки со унгарска Татабања.

По минималната победа (29:28) на гостински терен минатата недела, охриѓани синоќа во преполната сала „Билјанини Извори“ домаќините славеа триумф со 31:25 (полувреме 12:11).

Охриѓани ја слават историската победа, а најголема благодарност искажуваат на стратегот Борис Ројевиќ кој уште во првата сезона откако дојде на чело на клубот успеа да го донесе до европскиот трон.

– Го добивме она што го заслуживме. Цела година чесно работевме се трудевме, се боревме од натпревар во натпревар. Не давав да се вршат притисоци врз момците. Го спуштавме притисокот цела сезона. Но, ова денеска, овие навивачи, еден час да гори салата, се до крајот. Благодарам до публиката, управата, играчите, сите беа сјајни. Една прекрасна година, година која сите долго ќе ја паметиме, рече Ројевиќ по натпреварот.

Тој посочи дека каде и да оди како тренер, се обидува своите високи амбици да не ги префрли како притисок врз играчите, туку постепено да ја гради стратегијата на играта…

– Но никој, барем јас не очекував дека во првата година да изиграме Европски куп, кој е најквалитетен во последните седум години, и тоа со само еден пораз и тоа со еден разлика…Пресреќен сум, што да кажам, рече тој.

Гоце Ојлески рече дека е извојувана голема победа, и тоа против  квалитетен тим каков што е Татабања.

– Во двата натпревари победивме што значи дека заслуживме да бидеме прваци. Во соблекувалната пред натпреварот се договоривме да излеземе и да го оставиме срцето на терен. Имавме одлична поддршка од публиката, мислам дека таа е голем дел заслужна за овај наш триумфален пат. Тие не не оставија да паднеме, на вратија во игра и тоа беше доволно, рече тој.

Голманот Кристјан Пилиповиќ кој е миленик кај публиката, рече дека ваква енергија каква што имало во Охрид изминатите седум дена не доживеал во неговата интернационална кариера.

–  Ваква енергија каква што имаше во Охрид имзминатите седум дена не сум доживеал во мојата кариера. Стравував да не не изеде тремата. Благодарност до градот Охрид, до навивачите за поддршката…Но, мојата екипа, моите браќа, секоја чест. Имавме проблеми со шутот првиот дел, но екипата издржа, тоа е она што не красеше целата сезона и успехот е заслужен, рече тој.

Јапонскиот интернационалец во редовите на „Гладијаторите“ Косуке Кацухира, кој вечерва имаше блескав настап, рече дека му задоволство што игра тука во Охрид.

– Мошне сум среќен, што ја понесовме титулата. Охрид многу добро ме прифати, одлично се вклопив во овој тим. Оваа победа им ја подарувам на овие прекрасни навивачи, на оваа публика што знае да поддржи, рече тој.

Голема заслуга за историскиот успех на охридскиот ракомет има и градоначалникот Кирил Пецаков кој и самиот беше дел од охридскиот ракометен тим.

– Овој клуб го формиравме во 2011 година, јас бев капитен до 2017. Кога станав градоначалник пред бизнис-заедницата ја раскажав нашата приказна, ја добив поддршката и од нив и од државата и мошне сум среќен што денеска имаме вакав успех. Голема благодарност до сите што не поддржаа…Со тренерот Ројевиќ кога разговаравме за плановите за во иднина, се договориме тоа да го правиме чекор по чекор…Ова е проект што ќе трае наредните три години со него, и сакам да кажам дека тој е еден од најслужните што уште првата година направи охриѓани да се горди, а секако и целата држава, рече Пецаков.

Прославата на европската титула по натпреварот продолжи низ улиците на градот, а за победата утре ќе биде и официјално прославена со хепенинг на Градскиот плоштад.

Инаку, натпреварот се играше пред преполната сала „Билјанини извори“, а мечот мина во извонредна организација без какви било инциденти.