
Експерти: Јадранското Море е полно со опасни медузи, луѓето кои се капат да бидат внимателни
Капачите долж западниот брег на Истра се предупредуваат да бидат внимателни поради појава на поголем број медузи во морето. Хрватските медиуми јавуваат дека во последните денови се забележани компас медузи, вид што може да предизвика болна реакција при допир со кожата.
Капачите долж западниот брег на Истра се предупредуваат да бидат внимателни поради појава на поголем број медузи во морето. Хрватските медиуми јавуваат дека во последните денови се забележани компас медузи, вид што може да предизвика болна реакција при допир со кожата.
Според експертите, појавата е поврзана со повисоките температури на морето и со природните сезонски циклуси на овие морски организми. Компас медузата има долги пипала и жарни клетки, па контактот со неа може да предизвика црвенило, печење, чешање и оток. Кај најголем дел од луѓето симптомите поминуваат за неколку часа, но особено внимателни треба да бидат децата, лицата со чувствителна кожа и оние склони кон алергиски реакции.
Од Центарот за истражување на морето во Ровињ посочуваат дека нема причина за паника, но препорачуваат да се избегнува директен контакт со медузите и децата да не ги допираат додека се во вода или на брегот. Доколку дојде до контакт, местото не треба да се мие со слатка вода, туку внимателно да се исплакне со морска вода и да се отстранат евентуални остатоци од пипалата.
Покрај медузите, во северниот дел на Јадранот се забележани и поголеми групи ребраши, познати како „морски орев“. Тие не се опасни за луѓето, но можат да влијаат врз морскиот екосистем, бидејќи се хранат со истите извори на храна како дел од автохтоните морски организми.
Експертите очекуваат бројот на компас медузи да се намали во следните една до две недели, со завршување на нивниот животен циклус. До тогаш, капачите се советуваат да влегуваат внимателно во вода и да го избегнуваат капењето на места каде што се видливи поголеми групи медузи.