Мицкоски за буџетот на судството: Колку правда, толку пари
Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања изјави дека Македонија и во јунскиот извештај за реформската агенда ќе остане пред земјите што се сметаат за фронтранери, но порача дека Владата нема да дозволи дополнителни буџетски средства и зголемувања на примањата во правосудството без конкретни резултати во испораката на правдата. Мицкоски оцени дека граѓаните со право се незадоволни од бавната правда и истакна дека очекува побрза и поефикасна работа од судовите и обвинителството.

„Сите ќе се согласиме дека правдата е премногу бавна или воопшто ја нема и дека не сме задоволни. Очекувам во периодот што следува побрза и поробусна испорака на правдата споредено со тоа што било порано“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека до обвинителството се доставени околу 120 до 130 ревизорски извештаи во кои, според ревизорите, биле констатирани бројни незаконитости и очекува институциите да постапуваат врз основа на тие наоди.
Премиерот нагласи дека Владата обезбедила услови за подобро функционирање на правосудниот систем, меѓу кои ги наведе донесувањето на Законот за Судски совет, измените на Законот за јавно обвинителство, зголемувањето на платите за службениците во судовите и обвинителствата за 40 проценти, како и 200 нови вработувања. Дополнително, како што рече, Владата ја почитувала и одлуката на Уставниот суд за враќање на платите на судиите на нивото од 2025 година. Сепак, Мицкоски порача дека нови покачувања нема да има доколку не се видат конкретни резултати.
„Континуирано да обезбедуваме средства за зголемување на буџетите и платите без притоа да има никакви резултати, односно резултати кои нè враќаат назад, тоа како Влада нема да го дозволиме“, истакна премиерот.
Тој додаде дека оваа позиција ќе му биде пренесена и на Герт-Јан Копман на следната средба поврзана со реформската агенда.
Во однос на евроинтеграциите, Мицкоски повтори дека Владата ќе продолжи да ги реализира сите обврски од реформската агенда, освен прашањето за уставните измени, за кое, како што рече, ставот останува непроменет.
„И да не успее овој чекор, ние и во јунскиот извештај ќе бидеме подобри од самопрогласените фронтранери, исто како што бевме и во декемврискиот извештај“, порача Мицкоски.