
Во Кривичниот суд започна судењето против суспендираниот апелациски судија Ѓоко Ристов, откако во куќата на неговите родители во Неготино беа пронајдени 350.000 евра скриени во ѕид.
Ристов на почетокот од процесот изјави дека не се чувствува виновен за кривичните дела што му се ставаат на товар.
„Не се чувствувам виновен ниту за првото, ниту за второто кривично дело со оглед на правната квалификација“, изјави Ристов пред судот.
Против него е покренато обвинение за непријавени и неевидентирани 350.000 евра, кои биле пронајдени заѕидани во кујната на семејниот дом во Неготино. Парите биле спакувани во 13 одделни пакувања и сокриени во шуплини од цигли во ѕид од една од просториите.
Случајот се отвори откако беше уапсен поранешниот државен правобранител и адвокат Фехмо Стафа, кој бил фатен при примање 50.000 евра. Во истрагата тој посочил дека парите биле наменети за судијата Ристов, со цел посредување за укинување на мерка притвор.
Обвинителката Искра Хаџи Василева во воведниот говор истакна дека Обвинителството ќе докажува оти Ристов го прикривал својот имот и дека нема законско покритие за пронајдените средства.
Таа посочи дека станува збор за сума еквивалентна на околу 450 просечни плати и најави дека Обвинителството ќе докажува и кривично дело перење пари, како и трговија со влијание.
„Ќе докажеме дека парите пронајдени во семејната куќа биле негови и стекнати преку трговија со влијание“, рече обвинителката.
Одбраната, предводена од адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, тврди дека обвинението нема цврсти докази.
„Ќе докажеме дека ѕидовите зборуваат, а доказите молчат. Ова е холивудски правно издржан филм кој игра на емотивниот набој на јавноста“, изјави Давидовиќ.
Тој најави дека одбраната ќе докажува дека парите биле сопственост на родителите на Ристов и дека нивниот имот бил легално стекнат.
Ристов, кој со години судеше во Кривичниот суд пред да стане апелациски судија, сега првпат се најде на обвинителна клупа; објави Скопје1.мк