„Ако штрајкувате ќе ви скратиме од дневницата“ – од која плата ќе ни земат, порача првиот синдикалец

Претседателот на ССМ – Дарко Димовски во изјава за медиуми за време на штрајкот пред Собрание организиран од Синдикатот, за тоа дали останува на ставот дека ќе се откаже и од платата поради штрајкот, само да им ги исплатат придонесите, рече дека веќе нема од што да се откажат.

„Ние јавно на нашите синдикални лидери и претставници кажавме дека не потпаѓаме под притисокот за кој ни велат „доколку штрајкувате ќе ви скратиме од дневницата“. Нема од што веќе да ни кинат, верувај ми. Од кои плати да ни скинат, од кои дневници? Што не можеме да ги прехраниме фамилиите и да ги платиме трошоците за живот и режиите кон претпријатијата кои даваат јавни услуга? – рече Димовски кој додава дека немаат достоинствени плати со кои можат да си го прехранат семејството.

Тој побара поддршка од народните претставнци за поднесениот амандман, почнувајќи од 1. јули.

„Тие пари ни се неопходни поради сè ова што ни се случува, двоцифрена инфлација, ценовни шокови, најавена енергетска криза и поскапување на струјата. Сите оние кои нема да го поддржат ова наше барање во интерес на работникот, наше легитимно право како претставници на работниците, е од нив да побараме оставка. Ние сме ги избрале тие пратеници за да ги унапредуваат и чуваат нашите права и да ни излезат во пресрет сега кога ни е најпотребно. Другари пратеници, другари од власта, од локалната самоуправа сериозно сфатете си ја работата, работникот денеска се бори за егзистенција“ – рече Димовски.

ССМ утре протестот ќе го преселат пред Владата.