Народното собрание на Бугарија ќе бира нов председател, ќе се гласа и за недоверба на владата

На редовна седница во бугарското Народно собрание денеска ќе се почне со процедура за избор на нов претседател.

По смената на Никола Минчев од таа позиција, функцијата ја презеде Мирослав Иванов.

Можно е најголемата партија во Народното собрание „Промените продолжуваат“ повторно да го предложи Минчев за шеф на парламентот, јавуваат тамошните медиуми.

Пратеничката Ива Митева од партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“ е второто име што се споменува за оваа функција, иако таа изјави дека одбива да биде номинирана во оваа сложена политичка ситуација во Бугарија.

На вонредна седница вечерва во 19 часот и 10 минути пратениците треба да гласаат за барањето недоверба на владата на Кирил Петков.

Во парламентарната Комисија за надворешна политика на бугарскиот Парламент во 15 часот треба да се одржи состанок на кој ќе се разгледа предлогот на француското претседателство со ЕУ за одобрување на преговарачката рамка за Северна Македонија и одржување на првата меѓувладина конференција.