Празна е точката оставена за Македонија во нацрт-заклучоците од Самитот на ЕУ

Остана празна точката која беше оставена за С. Македонија во нацрт-заклучоците од Самитот на ЕУ, што ќе се одржи на 23. и 24. јуни. Овој документ, кој ќе биде даден на расправа и одобрување на земјите-членки пред самитот, нема да биде целосен се додека прашањето меѓу Скопје и Софија останува нејасно.

Нацрт-заклучоците се основниот документ што им се поднесува на лидерите и тој може да претрпи измени, зависно од исходот на политичките дебати на Самитот.

Делот за Северна Македонија, под точка 13, останува празен, со куса реченица: „преговори меѓу Бугарија и Северна Македонија“ и ништо повеќе.

Заклучоците од Самитот на Европскиот совет се однесуваат на идејата на претседателот Макрон за „европска политичка заедница“ со земјите-членки, земјите партнери на истокот и земјите од Западен Балкан.

„Целта е да се поттикне политичкиот дијалог и соработка за решавање на прашања од заеднички интерес со цел да се зголеми безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент“ – се наведува во заклучоците од јунскиот самит.

Во нацрт документ се наведува дека оваа „рамка“ нема да ги замени постоечките инструменти на ЕУ, вклучително и проширувањето.

На истиот датум, 23. јуни, пред почетокот на самитот на Европскиот совет, ЕУ планира да се сретне со лидерите на земјите од Западен Балкан за да разговара за иднината на регионот.