
Милошоски: Обвинителството да ја корегира лукративната одлука на обвинителскиот тандем Коларевиќ и Абази
Приговорот од ЕСМ е доказ дека обвинителката Катерина Коларевиќ постапила непрофесионално, а Ислам Абази ја потврдил оваа контроверзна одлука за скандалот „Мазут“, којшто е тежок 167 милиони евра набавки на мазут за ТЕЦ Неготино, изјави денеска Антонио Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Приговорот од ЕСМ е доказ дека обвинителката Катерина Коларевиќ постапила непрофесионално, а Ислам Абази ја потврдил оваа контроверзна одлука за скандалот „Мазут“, којшто е тежок 167 милиони евра набавки на мазут за ТЕЦ Неготино, изјави денеска Антонио Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
– Ова потврдува дека истрагата којашто ја водела обвинителката Коларевиќ била претежно паушална и дел од доказите за кривичната одговорност неосновано иземала како изговор за прекинување на постапката – вели тој.
Според него, приговорот на ЕСМ до Вишото јавно обвинителство дава правна можност за преиспитување на решението за скандалот „Мазут“ и за корекција на контроверзното решение за прекин на истрагата од Коларевиќ и Абази.
– Приговорот на ЕСМ е нова околност според којашто прекинатата истрага за мазут може да продолжи, бидејќи ЕСМ е оштетено правно лице коешто ги побива изјавите на Коларевиќ и Абази како обвинителски тандем којшто им дал повластена улога и им поклонил поголема верба на исказите на Капушевски, Јахоски, Адријан Муча, Ерџан Сулкоски, а воопшто го немале ниту достапен Васко Ковачевски. И затоа сметаме дека е време самото обвинителство да си ги искористи своите средства, своите институции за да ја коригира ваквата контроверзна и лукративна одлука на обвинителскиот тандем Коларевиќ и Абази – рече Милошоски.
Тој порача дека е време Обвинителството да нема свои повластени бизнис или политички партнери и сите оние за коишто постои основан и сериозен сомнеж за незаконито дејствување при набавката на мазутот 167 милиони евра да одговараат како и секој друг осомничен и да имаат можност своите докази да ги изнесат пред судските органи.