Рама: Порано Албанија беше „Северна Кореја на Европа“, денес е на пат кон ЕУ

Говорејќи на Азиската лидерска конференција во Сеул, Рама посочи дека Албанија покажува дека демократски институции можат да се изградат и покрај тешкото историско минато и долгогодишната изолација.

Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека неговата земја во минатото била „Северна Кореја на Европа“, но денес се движи по патот кон Европската Унија.

Говорејќи на Азиската лидерска конференција во Сеул, Рама посочи дека Албанија покажува дека демократски институции можат да се изградат и покрај тешкото историско минато и долгогодишната изолација.

„Албанија беше Северна Кореја на Европа, а денес оди по поинаков пат – пат на градење институции, демократска модернизација и интеграција во Европската Унија“, рече Рама.

Тој ја спореди трансформацијата на Јужна Кореја со развојот на Албанија, оценувајќи дека отвореноста, стабилната демократија и иновациите се клучни за напредокот.

Во рамките на посетата, Рама се сретнал и со јужнокорејскиот премиер Ким Мин-сеок, при што разговарале за соработка меѓу двете држави во повеќе области.

Пред две недели, Европскиот парламент даде поддршка за европската иднина на Албанија и Црна Гора, оценувајќи дека Тирана бележи напредок во реформите, но дека остануваат предизвици поврзани со владеењето на правото, корупцијата и организираниот криминал.

Албанија има цел да ги заврши пристапните преговори со ЕУ до крајот на 2027 година.