
Подмладокот на СДСМ бара повлекување на измените на Законот за студентски стандард: Власта сака да скрати од студентите
Подмладокот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија денеска ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека со предложените измени на Законот за студентски стандард удрила директно врз студентите, намалувајќи ги средствата што претходно се издвојуваа за нивна поддршка и воведувајќи категоризација при сместувањето во студентските домови.
Подмладокот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија денеска ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека со предложените измени на Законот за студентски стандард удрила директно врз студентите, намалувајќи ги средствата што претходно се издвојуваа за нивна поддршка и воведувајќи категоризација при сместувањето во студентските домови.
„Наместо подобрување на студентскиот стандард, власта најде начин како да скрати и од студентите, додека вртат милионски криминални тендери. Новите измени на Законот (за студентски стандард) се директен удар врз студентскиот стандард“, изјави денеска на прес-конференција Стефанија Кузмановска од Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ).
Како што наведе таа, со предложените измени се намалуваат стипендиите за социјални категории, а поскапува и сместувањето во студентските домови.
По првпат, рече Кузмановска, се воведува категоризација на студентските домови во два типа – Тип 1: Енергетски ефикасни и реконструирани објекти и Тип 2: Постојни, односно нереновирани студентски домови.
Според неа, ова значи дека богатите ќе можат да престојуваат во реновираните домови со подобри услови, а сите останати во старите и нереновирани домови.
Власта, рече таа, крати и од поддршката на студентите за сместување и храна.
„За домовите од Тип 1, наместо досегашните 50%, државата ќе покрива само до 40% од трошоците. За домовите од Тип 2, партиципацијата останува до 50%. Наместо еднакви услови за сите, ВМРО создава двокласен систем во високото образование – студенти од привилегирани семејства и студенти кои ќе мора да се снаоѓаат како знаат и умеат“, рече Кузмановска.
Со предлог-измените на Законот, кажа таа, власта ја укинува и мерката донесена за време на ковид-кризата, кога со Владата раководеше СДСМ, односно веќе нема да има поддршка од 6 000 денари за приватно сместување или меѓуградски превоз за студентите.
Дополнително, според Кузмановска, се крати и од стипендиите наменети за студенти од социјално ранливи категории, односно наместо досегашните 49 отсто за нив сега се предвидени 40 отсто од вкупниот број стипендии.