Бугарско МНР: Документите за Северна Македонија немаат ознака за тајност

Документите за преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија немаат ознака за тајност и се впишани во јавната евиденција на Народното собрание и на Советот на министри на Бугарија, соопшти денеска Прес-службата на бугарското Министерство за надворешни работи.

Соопштението на бугарското МНР претставува реакција на повикот на владејачката партија Продолжуваме со промената (ПП) на премиерот Кирил Петков до шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска „да ја отстрани ознаката за тајност од документите поврзани со Република Северна Македонија“.

– Документите ги имаат следните броеви: влез № КВП – 47-253-05-71 / 20.06.2022 година; излез № 01-00-233 / 20.06.2022 година; влез № КВП – 47-253-05-72 / 20.06.2022 година; излез № 01-00-233 / 17.06.2022 година; влез № 04.06-781 / 20.06.2022 година; излез № 29.01.9 / 20.06.2022. Вака поднесени, горенаведените документи се достапни за увид на сите пратеници од 47. Народно собрание на Република Бугарија, се наведува во соопштението на МНР.

Повикот на ПП доаѓа во време кога во бугарското Собрание трае расправата по иницијативата за гласање доверба на Владата на Петков, од која се повлече партијата Има таков народ (ИТН) од чии редови доаѓа Генчовска.

Во текот на денешната дебата по иницијативата, сопартиецот на Генчовска, пратеникот Точко Јорданов го оквалификува Петков како „национален предавник“ и го обвини дека заедно со неговите советници цело време работел „против националниот интерес на Бугарија во однос на Северна Македонија“.