МИА дојде до нацртот на заклучоците од Самитот на ЕУ, што ќе се одржи на 23 и 24 јуни, а неизвесноста за Северна Македонија е пресликана и таму, бидејќи точката за земјава за сега останува празна, јави дописничката на МИА од Брисел.
Заклучоците од Самитот за проширувањето на ЕУ, сега преименувани во „Поширока Европа“, првично се занимаваат со идеите за „нова платформа“ за вклучување на сите земји на европскиот континент и продолжување на предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за Европска политичка заедница. Тука е споменат и Западниот Балкан, земјите од Источното партнерство и сите држави партнери на ЕУ.
– Целта е да се поттикне политички дијалог и соработка за справување со прашањата од заеднички интерес за да се зајакне безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент, се наведува во нацрт документот, што ќе им биде доставен на шефовите на држави или влади на ЕУ на 23 и 24 јуни.
Документот потенцира дека оваа „рамка“ нема да ги замени постоечките инструменти на ЕУ, меѓу другото и проширувањето.