КАЗНИ ОД 500 ДО 10 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА НЕЧЕСНИ ТРГОВСКИ ПРАКТИКИ, Бектеши за Законот за заштита на потрошувачи

Владата го усвои Законот за заштита на потрошувачите на предлог на Министерството за економија, објави денеска министерот за економија, Крешник Бектеши.

– Овој закон ќе помогне да се подобри квалитетот на живот на граѓаните, за заштита на потрошувачите и за заштита на ранливите категории на граѓани во деловните трансакции… Со овој закон се обезбедува високо ниво на првата на потрошувачите, но и полесно деловно уредување. Исто така се уредуваат правата и обврските на здружението за зашита на потрошувачите, а предвидени се и инструменти за брзо решавање на споровите – посочи Бектеши. 

Бектеши кажа дека се воведува посебно внимание на нечесни трговски практики, измамнички и агресивни трговски практики при продажба, вклучувајќи ги и дигиталните понуди.

– Одредена трговска практика е нечесна ако го доведува во заблуда потрошувачот, особено ако не се наведуваат јасно условите. Трговска практика се смета за нечесна ако го доведува во заблуда потрошувачот, па дури и ако информаците се точни, но го доведуваат во заблуда потрошувачот да донесе одлука која не би ја донел во вообичаени услови. Нечесно е и ако со принуда или примена на сила го доведе во заблуда потрошувачот или го наведе на пазарна одлука која не би ја донел во други услови. Во делот на санкциите, предвидена е и привремена забрана за работа од три месеци до две години, за среден и голем трговец, и 20 дена за микро и мал трговец. Одговорните лица, ќе добијат забрана за вршење дејност од 3 месеци до 1 година – посочи Бектеши.