Белград добива нов градоначалник – поранешниот ватерполист Александар Шапиќ, кој на изборите во април беше прв на листатата „Александар Вучиќ – Заедно можеме се“.
Шапиќ на тајно гласање, од 110 гласачки ливчиња доби тенко мнозинство, од 57 советнички гласови. Негов заменик ќе биде Весна Видовиќ.
„Ќе се потрудам да не ја прокоцкам довербата на моите сограѓани кои гласаа за списокот околу СНС, со мојата работа да ја оправдам и никако да не ги разочарам“ – изјави Шапиќ по изборите.
Потенцираше дека сака Белград да биде „град победник – град шампион“.
Александар Шапиќ беше член на Демократската партија (ДС) и во 2009 година помошник на тогашниот градоначалник на Белград, Драган Ѓилас, а од 2012 година е на чело на општината Нов Белград.
Тој со ватерполо се занимаваше од 1984 година. Играше за селекциите на Југославија, Србија и Црна Гора и Србија од 1995 до 2008 година.
На Олимписките игри учествуваше четирипати и освои еден сребрен и два бронзени медали, а со репрезентацијата освои 20 медали на 22 европски и светски натпреварувања.