Претседателот на Србија – Александар Вучиќ денеска најави дека утре ќе има консултации со македонскиот премиер Димитар Ковачевски и премиерот на Албанија – Еди Рама, како и со Владата на Србија за претстојниот Самит за Западен Балкан, па дури тогаш ќе донесе одлука дали ќе патува во Брисел.
„Тогаш ќе донесеме одлука дали ќе одиме во Брисел и каква позиција ќе имаме“ – изјави Вучиќ, одговарајќи на прашање дали добил покана за учество на Самитот на 23 јуни во Брисел, дали ќе оди и каков ќе биде ставот на Србија на оваа средба.
Тој рече дека во петокот добил официјална покана да присуствува на седницата на Советот на ЕУ в четврток во Брисел, нагласувајќи дека тоа „ќе биде можеби најважниот и најинтересен ден во последните 10 години на европско ниво“.
„Ќе почекаме, утре ќе имам консултации во рамките на Отворениот Балкан, со Рама и Ковачевски, па ќе одржам консултации и со членовите на српската Влада и потоа ќе донесеме одлука дали ќе одиме во Брисел и каква позиција ќе имаме“ – повтори Вучиќ.